Skip to main content

Охриѓани се жалат на нерегуларности во трговијата со прехрана

Реакции има за трговци кои продаваат производи со изминат рок и со помала грамажа на пакуваните производи. Поплаки пристигаат и за различни цени на производите означени на рафтовите и оние на каса. Има реакции за фармацевтските производи, а засега нема пријави за нерегуларности за банкарски  и потрошувачки кредити.

 |  Валентина Неловска  | 

Охриѓани упатиле 32 претставки до ОП за само два месеци оваа година. Најчесто претставките се однесувале на забележани нерегуларности во продавниците со прехраната, информира Катерина Павловска од охридската ОП.

„ Се однесуваа поплаки на граѓаните поврзани со производи со изминат рок на употреба. Чоколади, млечни производи,паштети, тестенини. Потрошувачите реагираа и на еден производ со сомнителен квалитет. Неколку потрошувачи реагираа за тетрапак сок кој не бил со изминат рок туку со сомнителен вкус и мирис. Веднаш е пријавен до Дирекцијата за храна и се превземени се законски мерки поради неквалитетниот производ“.

Купувачите реагирале на пакувања со помала грамажа на сирење и кашкавал кои однапред се вагаат. Најмногу поплаки пристигнале за различни цени на производите означени на рафтовите и оние на каса.

„Тоа е едно нечесно пазарно однесување. Ние ги советуваме веднаш кога ќе приметат дека истиот производ кој го виделе на рафтовите не е со иста цена да не го купуваат. Цената треба да е иста на рафтот и на производот. Според најновите законски прописи секој производ треба да има цена не само на рафтот туку и на производот“.

Охридските купувачи реагирале и на забележани нерегуларности при купување на фармацевтски производи. Најчесто некои лекови немале декларации и упатства за употреба. Засега, нема пријави од охриѓани за нерегуларности за банкарски и потрошувачки кредити.