Skip to main content

Охриѓани синоќа уживаа во вистинска „Фолклорна бајка“

Првото издание на детскиот фестивал Фолклорна бајка ја воодушеви присутната публика со некои од нашите најпознати народни рефрени како „Ах, каде е мојто либе“, „Елено ќерко“, „Никнало цвеќе шарено“.

 |  Мишел Наумоски  | 

Охриѓани опиени од првата „Фолкорна бајка“. Носени од звуците на најпознатите македонски народни рефрени присутните уживаа во маестралните изведби на младите но неверојатно талентирани интерпретатори. Салата во Центарот за култура беше исполнета до последно место што само по себе говори каква ќе биде иднината на овој детски фестивал по само првото негово издание. Некои од децата кои настапуваа дури за прв пат се сретнале со овие рефрени, некои ги знаеле, некои тогаш се запознале, што говори и за самата идеја на фестивалот, македонската народна песна и тоа огромно богатство вечно да се паметат и да се пренесуваат од колено на колено.

„Од мојот настап сум презадоволна, бидејќи вакво нешто во Охрид немаше, а сега тоа го има и верувам дека ќе има уште повеќе другата година. Јас повеќе преферирам странска музика, ама сега за прв пат пеам македонска народна музика и мислам дека странската песна се пее, а македонската се чувствува.“

„Ја интерпретирав песната „Ја излези стара мајко“ бидејќи таа претставува многу убави чувства. Заедно пееме и дури во позадина заедно играме на оро, а и доста сакаме да пееме заедно.“-рекоа дел од учесничките.

Организаторите задоволни од многубројната публика, изведбите на децата и од самиот почеток на една убава „Фолклорна бајка“.

„Нашата желба е да стане традиционален овој фестивал, желбата наша, на организаторите беше да ја доближиме македонската изворна музика до најмладите. Со овој прв фестивал успеавме до некаде, се надеваме дека секоја година интересот на децата ќе биде се поголем, ќе имаме повеќе учесници, ќе имаме поквалитетни учесници, таа е нашата желба, да стане традиционален овој фестивал.“-вели Наум Џуклески-уметнички директор на „Фоклорна бајка“.

Од самиот фестивал ќе произлезе и ДВД издание како изведбите на децата би стигнале до домот на секое охридско, па и македонско семејство. Сите изведени македонски народни песни за фестивалот си добија нови аранжмани како би им се дал и мал музички допир од сегашноста. Инаку на ова прво издание на детскиот фестивал „Фолклорна бајка“ учество зедоа дваесетина дечиња изведувајќи ги песните како „Елено ќерко“, „Македонско девојче“, „Ах, каде е мојто либе“, „Деспина“ и многу други препознатливи фолклорни рефрени од нашето народно творештво.