Охриѓани со 99 идеи за подобар Охрид, скоро половина од нив прифатени од локалната
Дел од нив се веќе во рамките на програмите на локалната, за дел се бара начин за нивна реализација.
Чешма за вода и клупи во градскиот пазар, уредување на постоечкиот или изградба на нов јавен тоалет во неговите рамки, изведба на јавни тоалети во Стар град и на кејот „Македонија“, организирање на саем за занаетчиство, уредување нова градска плажа. Ова се само дел од оригиналните предлози кои охриѓани ги споделија со локалната самоуправа во рамки на „Денот на идеи“ кој се одржа на 12ти јуни. На иницијатива на градоначалникот, била формирана специјална стручна комисија која имала за задача да ги разгледа и оцени доставените предлози.
„По одржани неколку состаноци на истата од вкупно доставените вкупно 99 идеи, како реални, остварливи и конкретни, комисијата во предвид зеде 42 од тие предлози и идеи, морам да напоменам тука дека голем дел од тие предлози и идеи се повторуваа па затоа и оваа бројка. Дел беа и во конкретните активности на локалната самоуправа. Согласно препораките на градоначалникот и надлежните при формирањето на оваа комисија, сите овие 42 идеи се опишани со рокови за исполнување и со надлежности. Комисијата сметаше дека овие 42 предлози и идеи можат да ја подобрат сликата за градот и општината Охрид.“-вели портпаролот на Секторот за комунален развој сообраќај и улици, Љупчо Танески.
Предлозите на охриѓани се однесувале на сите јавни претпријатија, како и најголемиот дел од секторите кои функционираат во рамките на локалната самоуправа, а во кои доминирале предлозите до јавното претпријатие „Градски пазар“ вкупно десет како и идеите кои се однесувале на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици и Секторот за урбанизам.
„До секторот за урбанизам и секторот за комунални дејности веќе се препратени овие предлози и идеи и по дел од нив се постапува или се бара модус за постапување по конкретните идеи и предлози. Она што јас би можел да го издвојам е формирање на посеб оддел за цветен пазар во рамки на јп градски пазар, исто тука неколку пати ја сретнавме идејата за изградба на затворен пазар, идејата за изградба на нова современа автобуска станица.“-рече Танески.
Посебната комисија, во состав Љупчо Танески како претседател и членовите Катерина Баулоска, Љупка Маслова, Горан Мицкоски и Ванчо Јованоски, покрај тоа што ја оценувале остварливоста на идеите, одредиле и рокови за нивно можно реализирање.
Така од 42те прифатени идеи, најбрзо, според комисијата би се реализирале идеите за поставување на клупи за одмор, чешма и реновирање на јавниот тоалет во рамки на градскиот пазар, санирање на рефлекторите и кошот кај месноста Сараиште и тоа за 10 до 15 дена. Идеите пак за изградба на голем православен храм на атрактивна локација во градот со рок од 2 до 4 години како и изградбата на споменик на Христо Узунов на малиот плоштад кај стара библиотека, со рок од 12 месеци се идеи за кои би било потребно најмногу време за реализација. Сепак, оценката за сите 42 идеи, кои веќе чуени, кои повеќе оригинални е дека истите би придонеле позитивно на подобрување на сликата за градот и општина Охрид. Уште на 12ти јуни, за време на самиот „Ден на идеи“ градоначалникот најави дека откако прифатените предлози ќе влезат во програмите на јавните претпријатија или секторите на локалната, нивните иницијатори ќе бидат и јавно обзнанети.