Охриѓани ќе штедат струја според навиките
Гответе во помали садови или во садови соодветни на големина на ринглата, користете бојлер само кога ви е потребно, машната за перење да биде полна, и двата апарати користете ги по можност на ефтина струја, во текот на денот користете го што е можно повеќе сонцето за осветлување и за загревање на просторот во грејната сезона, ова се само дел од владините препораки до граѓаните за штедење струја. Препораки за штедење на електричната енергија има и за фирмите и за институциите.
„Заштеда на струја за безбедна зима“ е владиниот план со пакет мерки донесен заради енергетската криза што не очекува во текот на оваа грејна сезона. За граѓаните штедењето на струја останува само на препорака, додека пак, за останатите институции има конкретни задолженија и казни, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Анкетираните граѓани на прашањето дали и како ќе штедат струја од први септември, со одговор ќе постапуваат секој според своите навики. Повозрасните и онака штедат во услови на економска криза и без владини препораки, но скептични се како помладите генерации ќе ја прифатат владината одлука за рационално трошење струја бидејќи имаат поинаков животен стил.
Намерата на владата е да се заштеди струја до 15 отсто во зимскиот период. Смируваат дека рестрикции на струја нема да има ако се одело според планот. Сепак, граѓаните се поделени во мислењето дали ќе има или не прекини во напојувањето со струја. Некои очекуваат рестрикции , а други дека ќе има струја.
Мерките за штедење ќе започнат да важат од 1 септември, од кога ќе стапи на сила и кризна состојба за енергетска и топлинска енергија која ќе биде прогласена на следната владина седница.
Од соседните земји, во Косово веќе започнаа со воведување на рестрикции на струја. На секои шест часа има двочасовен прекин во снабдувањето. План за вонредни ситуции со рестрикции на струја се подготвува и во соседна Грција.