Skip to main content

Охриѓани „засадија успех“

За поубав и позелен Охрид. Во денешната акција „Ден на дрвото“ во градов се засадија околу 1000 нови садници. Во акцијата се приклучија ученици, административци, јавни претпријатија, пензионери и граѓани.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓани засадија успех. Ученици, административци, јавни претпријатија, пензионери се приклучија на 16-та по ред акција „Ден на дрвото“ која се одржа под мотото „Засади успех“. Во Охрид се садеше на повеќе локации и тоа на влезот во градот каде беа засадени 50 садници јапонски багрем ,  на магистралниот пат Охрид Св. Наум каде се посадија 500 садници охридски чемпрес,на потегот од мостот према хотел Парк каде се посадија 50 садници коталиа и на Мауцкер.


Акциите кои ги спроведува ЈП „Комуналец“ се доста успешни. Во досегашните акции кои се организираа минатите години успешноста на садниците е и до 90%, вели Љаткоски Трајан -раководител на паркови и зеленило во ЈП „Комуналец“.дрво


Во акцијата  „Ден на дрвото“се приклучи и Локалната самоуправа. Со организиран превоз ги пренесуваа граѓаните и учениците до локациите каде се садеа дрвца. Средношколците го зазеленуваа Мауцкер, а локалната администрација посети повеќе локации каде се садеа дрвца.

Сите ние сме граѓани на РМ па затоа пораката е повеќе од очигледна. Што ќе си засадиме тоа и ќе имаме. Колку повеќе ја раззелениме нашата држава и нашиот град толку ќе ни биде средината во која живееме поздрава и почиста, вели Ангел Јанев-заменик градоначалник.


Дрвца засадија и некои од советниците во градскиот совет.


Во ова време кога се поголема е појавата на озонската дупка и кога сите во светот се борат за што почиста животна средина, ваквите акции навистина се за поздравување. Јас засадив повеќе дрвца, а им препорачувам и на останатите граѓани да го сторат тоа, вели советникот Климе Шешоски.


И охридската капетанија даде свој придонес во акцијата „Ден на дрвото“.


Оваа акција е врв на самосвеста за зачувување на животната средина. Точен е слоганот дека си ја засадуваме нашата иднина. Со засадувањето на дрвцата имаме повеќекратна корист. Зеленило, чист воздух и поубав Охрид, вели  Горан Устијаноски-капетан во охридската капетанија.


Инаку во рамките на акцијата во државава ќе бидат засадени три милиона дрвца на 930 хектари земјиште низ цела Македонија. Денеска ќе бидат засадени и 7 000 леандри покрај автопатот Гевгелија¬Смоквица и 3 000 чемпреси покрај другите автопати низ државата, додека од Македонски шуми, за сите општини во Република Македонија ќе бидат доделени уште 67000 дрвца. Во досега одржаните 15 акции, засадени се околу 50 милиони дрвца, од кои според Македонски шуми, околу 60 проценти од нив се зафатени.