Skip to main content

Судска постапка

Охриѓанки добија битка пред Судот во Стразбур

Две охриѓанки после десеттина години водење постапка пред македонските судови добија пресуда од Судот за човекови права во Стразбур дека од домашниот правосуден систем не добиле фер и правично судење. Првостепената пресудата која Основниот Суд Струга ја донел во корист на тужителките неколку пати била укинувана и преиначувана од Апелацијата во Битола. Европскиот суд утврдил дека со последната пресуда на битолска апелација е повредено нивното право и сега ќе има повторување на постапката при што државата има задолжение да го имплементира ставот на судот во Стразбур.
 |  инфодеск  | 
Охриѓанки суд

Граѓаните да се охрабрат да се борат за правото на фер и правично судење пред домашните Судови во остварувањето на своите права утврдени со Закон.

Оваа порака ја упатија денес Соња Талевска и Татјана Трпческа од Охрид кои по 10 години судски постапки добија пресуда од Судот за човекови права во Стразбур дека немале фер и правично судење во македонскиот правосуден систем.

Талевска и Трпческа пред ЕСЧП ( Европскиот суд за човекови права) ја тужеле РС Македонија во врска со судска постапка која ја повеле пред домашните судови уште во 2012 година кога Претседателот на Основниот Суд во Охрид каде се вработиле по објавен конкурс ги одјавил од АВРМ, Фoнд за ПИОМ, Фонд за ЗО без да бидат известени или да добијат отказ.

Во текот на судењето спорно било дали Претседателот на Судот кој на должност В.Д. стапил два дена пред да ги потпише решенијата за вработување, во моментот кога ги потпишал имал или немал овластување за тоа. Тужителките прибавиле известување од Судскиот Совет на РС Македонија според кое Претседателот на судот имал овластување да потпишува од моментот на избор.

Охриѓанки суд

Врз основ на тоа Основниот суд Струга пресудил во корист на тужителите. Но таа пресуда била обжалена и понатаму на два пати била укинувана и преиначувана од Апелациониот суд во Битола, праќана на Ревизија во Врховниот суд при што клучен момент е последната пресуда на битолска апелација.

Главната повреда од страна на Европскиот суд за човекови права беше утврдено дека во последната пресуда која ја донел апелациониот суд во Битола истата ја засновал на некое известување, друго известување од Судски Совет, 3 месеци по нашето известување било назначено дека Претседателот на Судот може да потпишува решенија откако ќе биде впишан во Централниот Регистар – изјави Соња Талевска.

Европскиот суд зазел став дека тоа второ известување од Судски Совет било наменски за постапката за да се влијае на пресудата на Апелација. Спорно е и тоа што во фаза на жалба не е дозволено изведување никакви нови докази.

И тука е кардиналната грешка на Апелациониот Суд во Битола, а до некаде може да се земе и како вина на Врховниот суд затоа што ја премолчил повредата. Исто така ЕСЧП тоа го има и потенцирано во пресудата во една реченица каде вели но Врховниот Суд ги премолчил ревизиските наводи на тужителките – потенцира Талевска.

Тимот кој работеше на предметот, адвокат Ристо Новаковски, тужителот Соња Талевска и адвокатите Викторија Спасовска-Симоноска и Александра Костеска-Маркоски, велат дека пресудата во случајот е исклучително важна затоа што од просечно по 60 000 предмети кои пристигнуваат до судот годишно само 4 % се разгледуваат, а само за 2 % се носи пресуда.

Охриѓанки суд

Да се бара правдата пред судот во Стразбур е право кое се повеќе граѓани се решаваат да го искористат затоа што имаат чувсто дека тој суд е последната инстанца каде можат да се обратат кога нема да добијат правда дома, вели адвокатот Ристо Новаковски.

Правдата е чудна работа и секогаш е тешка. Сите ние ги користиме нашите истанци, но како што сме сведоци во секојдневните борби пред судовите, во последниов подолг период граѓаните не се задоволни од начинот на кој се дели правдата. Со започнување на пристапните преговори со ЕУ се надевам дека за голем дел од проблемите кои досега се заташкуваа или за кои никој не одговараше ќе мора сите институции поодговорно да се однесуваат со цел тужбите во Стразбур по однос на Конвенцијата за човекови права  да се намалуваат – кажа Новаковски.

Пресудата во корист на Талевска и Трпческа покрај симболична сума од по 1500 евра, морална сатисфакција, значи и повторување на постапката при што дражавата сега има задолжение да го имплементира ставот на ЕСЧП, со цел целосно да се репарираат тужителите.