Охриѓанките Елена и Емилија се близначки со голем сликарски потенцијал
Елена и Емилија се близначки со голем сликарски потенцијал. Охридските тинeјџерки сликаат од рана возраст, а се единствени по тоа што во текот на создавањето на една слика двете сликаат на иста слика. Творат во разни ликовни техники и сликарски правци, а се пронашле и во муралот, уметност цртање на ѕид.
Близначките Елена и Емилија Лазороски се талентирани седумнаесет годишни средношколки со исклучителен сликарски талент. Сликаат пејзажи и портрети во различни техники. Употребуваат дрвени бојци, пастел, акрилни бои и маслени бои. Од неодамна успешно експериментираат и со портрети.
„ Најчесто сега цртаме портрети со пастел. Иначе пред две години цртавме оптичка илузија, нешто што не одмараше и требаше да внесеме повеќе труд и детали. Сега сме повеќе посветивме на портрети и пореално од она што го гледаме од животот“, вели Емилија.
Близначките Лазароски сликаат од својата шеста година. Нивните слики досега биле објавувани во детското списание Чекорче и биле наградувани на разни изложби. Предизвик им е и муралот. Почнале со сликање во школскиот двор во ОУ Григор Прличев и досега насликале две детски градинки, а се подготвуваат за сликање на уште два објекти од Јасна Ристеска. Младите сликарки уникатни се по тоа што двете сликаат на иста слика и се потпишуваат со Твинс.
„Поинтерсно е кога работиме заедно. Повеќе труд даваме во еден цртеж и тој испаѓа поефикасен и поубав, “раскажува Елена за нивната уникатна заедничка работа во создавањето на сликата.
Плановите на овие две млади девојки, кои се занимаваат и со атлетика, е да продолжат со усовршување на сликарскиот талент. Нивна цел е запишување на ликовната академија во Скопје и еден ден да имаат свое ателје каде што ќе создаваат прекрасни уметнички слики. Последната изложба им била со групно излагање преку Интеракт клубот во кафе Шила, а планираат изложба во Скопје која ќе има продажен хуманитарен карактер.