Охрид окован во мраз
Охриѓани и денес мака мачат поради снегот кој заврна вчера. Лизгавите коловози и тротоарите како подиум за уметничко лизгање се вистински предизвик. Надвор излегува само оној што мора. Граѓаните бараат од службите посериозно да се зафатат со работа. Од таму пак тврдат дека се анагажираат максимално.
Охрид окован во мраз. Снегот кој наврна го парализира градот, велат граѓаните. Тие додаваат дека тешко се движат по неисчистените коловози и тротоари кои поради натапканиот снег се претворени во лизгалници. Не можеме ниту до продавница да одиме, а се плашиме и нашите деца да ги пуштиме на училиште, вели една наша сограѓанка која својот револт го искажа јавувајќи се во нашата редакција. Особено реагираат жителите од периферните делови на градот кои се жалат дека се потполно заборавени. Надлежните излегуваат со изјави дека максимално се ангажираат и чистат, но ние не сме слепи, состојбата е очигледно лоша, велат тие.
Од ЈП „Комуналец“ пак, тврдат дека работат максимално. Тие објаснуваат дека коловозите постојано се чистат, а на пофреквентните места еден од тротоарите задолжително е исчистен. Директорот Сашо Алче вели дека екипите се постојано на терен и дека работат и по десет часа на ден.
Алче додава дека поради вонредните услови ангажирани се работници и од останатите служби во претпријатието. Вечерва после десет часот ќе се чисти и насобраниот снег од чаршијата. Тој тврди дека истиот нема да се фрла во езерото како што тоа беше случај минатата зима туку дека ќе се однесе на некое место каде нема да има никаква опасност од загадување на водите.
{loadposition content9}