Skip to main content

ОЈО Охрид: Оформен предмет по допрен глас по последниот случај со семејната веселба која стана жариште на заболени од ковид 19

Во Основното јавно обвинителство Охрид работат на бројни отворени предмети. Оформен е предмет и по допрен глас по последниот случај со семејната веселба која стана жариште на голем број заразени со ковид 19. Предмети се отворени по кривични пријави и од СВР и Државниот пазарен инспекторат.

 |  Валентина Неловска  | 

По допрен глас ОЈО Охрид оформил предмет против непознат сторител за случајот со семејна прослава во Охрид од кој произлезе кластер на заболени со ковид 19. Од јавното обвинителство информираат дека работат на истрага за овој случај и на собирање на потребни докази.

Основното јавно обвинителство Охрид од 19 март до 12 јуни, во време на пандемија на корона вирусот, има оформено 52 кривични предмети против познати полнолетни сторители за кривично дело, информира Зоран Митрески, основен јавен обвинител при Општинското Јавно обвинителство Охрид. Сторителите на казненото дело непостапиле според здравствените прописи за време на епидемија по член 206 од Кривичниот закон, меѓу кои се и 4 правни лица за истото кривично дело. ОЈО Охрид има оформено и 7 предмети за познати малолетни сторители за кривично дело во врска со непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по член 206 ст.1 од Кривичниот закон.

Предметите се оформени по поднесени по кривични пријави на дел од СВР, Охрид и на Државниот пазарен инспекторат. Поголем број на кривични пријави има поднесено СВР Охрид.

Овие надлежни институции на терен утврдиле кривични прекршоци на мерките и уредбите донесени од владата за заштита на населението од пандемијата со Ковид 19. Откриени биле прекршоци од типот на не почитување полициски час, решенија за самоизолација, не почитување на забрана за движење на правни лица за време на полициски час, групирања.
Од поднесени обвиненија ОЈО-Охрид има добиено првостепени пресуди по 18 предмети за 26 полнолетни лица донесени од Основен суд Охрид. За наведените кривични дела се изречени парични казни од 2000 евра или 123.000,00 денари односно по 100 дневни глоби по 20 евра за една дневна глоба, со тоа што пресудите не се правосилни. По други предмети против познати полнолетни сторители постапките се во тек, а за дел се поднесени обвиненија и тоа за 5 предмети, информира Зоран Митрески, основен јавен обвинител при Општинското Јавно обвинителство Охрид.