Skip to main content

Околу 500 семејства во Охрид се борат со сиромаштија

Голем е бројот на семејства во Охрид, кои секојдневно се борат со сиромаштија.  Инфлацијата и порастот на цените на основните производи последниве години  не дозволуваат да се намали оваа црна статистика. Најпогодени се многудетните семејства, заедници со болни и инвалидизирани лица  и самохраните родители.
 |  инфодеск  | 
Дете

Не се намалува бројот на сиромашни. Изминативе неколку години бројот на социјално загрозени семејства во Охрид е доста голем,  се движи околу 500 семејства на кои   им е неопходна помош. Најпогодени се многудетните семејства, заедници со болни и инвалидизирани лица  и самохраните родители.

Од 2000 до 2500 луѓе секојдневно се борат со глад, а голем е бројот и на оние кои имаат проблеми, но се срамат да побараат помош.

„Опслужуваме голем број семејства, преку 500 во текот на годината кои имаат најразлични потреби, не се работи само за храна, за облека, за лекови, за медицински помагала, операции. Голем број луѓе се обраќаат и гледаме на сите да им излеземе во пресрет. Бројката е константна,  не е релевантна бидејки има голем број на луѓе кои се во социјален ризик, а се срамат, не сакаат да побараат помош.“ , вели Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.

Социјално ранливите најчесто  бараат помош во храна, прехрамбени и хигиенски производи огревно дрво, но голем е бројот и на оние лица кои бараат помош за здравствени проблеми како оперативни зафати и транспорт до клиники.

Црвен крст Охрид

На стартот на грејната сеозна има потреба и од огревно дрво но се случуваат и злоупотреби.

„Немаме баш добри искуства, не зборувам за институциите туку за тие кои што бараат помош чест на исклучоци голем број од нив ја злоупотребуваат помошта. Имавме ситуации пред пет години кога дадовме огревно дрво дел од семејствата го продадоа дрвото, а парите ги користеа за други намени. Треба да се направи навистина критериуми за оние кои мислат да помогнат во дрва ние имаме база на податоци да добијат оние на кои навистине им е потребно и се греат на дрво. Ние плаќаме сметки и за струја и за огрев на различни начини.“ ,додава Точков.

Од Црвениот крст од Охрид апелираат до граѓаните да бидат хумани и да се вклучат со донации. Волонтерите од општинскиот Црвен крст на терен  спроведуваат низа активности со цел да се подигне  јавната свест за немаштијата и социјално загрозените семејства и да се изнајдат фондови за да им се помогне, дистрибуирајќи им пакети со храна.

Новинар Соња Рилковска