Октишани протестираат против неконтролираната сеча на шумата на Јабланица
Итно стопирање на сечата на шумата околу Октиси и прогласување на планината Јабланица за национален парк , побараа денеска на мирен протест жителите на ова струшко село. Тие алармираат дека сечата трае со години но во последните четири добила на интензитет и дека дури над 50% од околната шума е уништена. Доколку не се исполнат нивните барања, најавија радикализирање на протестите во иднина.
Октишани протестираат против неконтролираната сеча на шумата на Јабланица. Тие поднесоа петиција за поништување на одлуката за распишување тендер за сеча на шумата.
Ние не протестираме за Македонски шуми што го пробиваат патот туку за фирмите кои го добиваат тендерот бидејќи на нив никој нема контрола. Ниту Македонски шуми, ниту полицијата може да исконтролира што сечат и колку, вели Енис Мемедовски, претседател на МЗ Октиси.
Пред две години е исечено околу 50 % од шумата над Октиси ,а сега според мештаните имаат намера да го исечат и останатиот дел. Две локации во шумата намерно или ненамерно претходно биле опожарени, па потоа експлоатирани. Тоа било случај со боровата шума, а во 2015та и со буковата. За тој дел од шумата имало проект, но се исекло многу повеќе од предвиденото. Се жалеле до повеќе институции, но никој не презел мерки. Октишани имаат неколку барања до државата како би го спречиле ова уништување на природата.
Повлекување на целокупната механизација од нашето место и тоа до понеделник, да се поништат сите тендери што се распишуваат за сеча во нашето село, државата да преземе мерки за прогласување на Јабланица за национален парк, вели Самир Цаноски, жител на Октиси.
Ваквата неконтролирана сеча трае десеттина години, велат жителите на Октиси.
Од три страни сме опколени со красти. Останат е само еден дел од западната страна и ако уште тоа ни го исечат нека ни ги спремаат гробовите, вели Амдија Ибушоски, жител.
Апелираат до Министерството за екологија и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Бараат до 28 април, односно до вториот круг на парламентарните избори овој проблем да биде решен. Во спротивно ќе покажат граѓанска непослушност и ќе ги радикализираат протестите.