ОО Црвен крст со низа активности ја одбележа Неделата на ЦК
ОО Црвен крст со низа активности ја одбележа Неделата на ЦК.
Под мотото „ЗНАМ ДА СПАСАМ ЖИВОТ”, општинската организација ја одбележа неделата на Црвениот крст. На 7 пунктови во центарот на Охрид и на Кејот се одржаа низа активности. Традиционално, се организира по 44-ти пат опшински натпревар по прва помош. Најдобри годинава беа во категорија подмлaдок, основците од ОУ Кочо Рацин, а од младинците претставниците од гимназијата Св. Климент Охридски. Тие ќе не претставуваат на државниот натпревар во Крива Паланка, во септември. На натпреварот учествуваа голем број ученици од основните и средните охридски училишта. Текот на натпреварите го следеа 15 лиценцирани судии по Прва помош, напоменува претседателот на ОО ЦК СашоТочков.
„ Горди сме што преку 200 ученици сме ги обучиле да укажат прва помош. Тие ќе се и врснички едукатори, на некој начин ќе ги заразат своите врсници и сограѓани, да научат повеќе за првата помош“, вели Точков.
На општинскиот натпревар се применија критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Учесниците симулираа реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Охрид, прикажаа и реалистични случаи на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за Прва Помош на Црвен крст Охрид, укажуав Младен Божиноски волонтер ОО ЦК
„ Тука сме да ги покажеме вештините во Прва помош кои се важни за правилно , ефикасно и одговорно укажување на прва помош во дадени ситуации, да си помогнеме себе си и на некој друг, да се спаси нечиј живот. Исто така да се забавуваме и разменуваме искуства“,рече Божиноски.
Покрај општинскиот натпревар на прва помош, беше одржана и хуманитарна продажна акција. По симболична цена се продаваше здрава храна. Организатори беа родителите на децата од Центарот за развој на животни вештини Браин О Браин, наведува родителот Јованка Недеска.
„ Сите родители и мајки од програмата Браин О Браин се организиравме со наши креации да помогнеме за хуманитарни цели каде што треба со наменски донации“, посочува Недеска.
Средствата од продажната хуманитарна активност на ОО Црвен крст се наменети за лекување во странство на самохрана мајка со две малолетни деца.