Skip to main content

Пригодна свеченост

ООУ Братство Единство го одбележа патрониот празник

ООУ „Братство Единство“ Охрид со пригодна свеченост го одбележа патрониот празник. Во училишниот двор беа реализирани низа спортски и забавни содржини во кои беа вклучени ученици од оделенска и предметна настава. На најуспешните ученици кои покажале врвни резултати во наставата и на натпревари им беа доделени награди.
 |  инфодеск  | 
Братство Единство патронат

Со свечена приредба и спортски активности и игри во школскиот двор ООУ „Братство Единство го одбележа патрониот празник. Оваа година мотото под кое училиштето го прослави патронатот е „Да си подадеме рака“.

25-ти мај за нашето училиште е посебен ден. Овој ден е познат како Ден на младоста, братството и единството. Второто име за младоста се децата. Ние сме тука за нив, тие го исполнуваат нашето работно секојдневие, растат и созреваат пред нашите очи. Оваа година заедничкото мото под кое го славиме патронатот е „Да си подадеме рака“. Раката е симбол за поврзување, помирување, поздравување, подадената рака значи почит, соживот, пријателство подадената рака нуди помош. Затоа да не забораваме да си подадеме рака едни на други – истакна пред присутните на прославата директорот на училиштето, Џемал Мехмед.

Братство Единство патронат

На свеченоста беа доделени пофалници за континуиран успех на учениците од деветто одделение. Беа доделени награди и на најуспешните на литературниот и ликовниот конкурс, како и на ученците кои постигнааа значајни успеси на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари.

Меѓу наградените ученици се Ахмед Сулајман за постигнато второ место на општински, второ место на регионален и трето место на државен натпревар по математика, Есер Миминоски за освоено трето место на општински натпревар по математика, Мерве Мехмед за постигнато трето место на регионалниот натпревар по физика и математика и трето место на меѓународен натпревар по турски јазик и книжевност, Корај Ахмед за освоено второ место на меѓународен натпревар по турски јазик и книжевност, Ајча Муфти за освоено прво место на регионалниот натпревар по географија и прво место на меѓународен натпревар по турски јазик и книжевност, Зејнеп Рамадан за освоено второ место на регионалниот натпревар по географија и Селма Ахмед за освоено второ место на општински натпревар по англиски јазик.

Братство Единство патронат

Училишниот хор е награден за освоено прво место на меѓународен хорски фестивал во Србија. Покрај учеството на училишните натпревари, училиштето е дел од низа проекти, организира работилници и разни едукативни настани за своите ученици.

Во училишниот двор на патронатот беа реализирани низа спортски и забавни содржини во кои беа вклучени ученици од оделенска и предметна настава. Во дворот се играше и шах во новото  шаховско катче на отворено реализирано на иницијатива на ШК „Ласкер“ со поддршка на јавни претпријатија и спонзори. На свеченоста беа присутни претставници од локалната самоуправа, директори на основни и средни училишта од градот, наставници и родители.

Братство Единство патронат