Опаѓаат хроничните незаразните заболувања регистрирани кај матичните лекари во охридско и регионов
Додека опаѓал бројот на пациенти кои барале лекарска помош во амбулантите се зголемил бројот на охриѓани кои се лекувале во болнички услови. Ова се дел од статистичките податоци на одделението за социјална медицина на Центарот за јавно здравје за минатата година споредено со претходната година.
Во регионов се забележува опаѓање на хронично незаразните заболувања регистрирани кај матичните лекари. Во помал број лекарска помош во амбулантите побарале граѓаните во Охрид, Струга, Дебар, Вевчани, Дебрца и Центар Жупа. Од друга страна, пак, се бележи стапка на зголемување на хоспитализирани охриѓани и дебрчани од кардиоваскуларни, малигни и ендокрини болести. Ова се дел од статистичките податоци на одделението за социјална медицина од Центарот за јавно здравје, за минатата година споредени со 2019, информира д-р Даниела Чингоска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје.
„Анализата покажува дека во болничките установи на подрачјето на Охрид во 2020 стапката на хоспитализирани од хронично незаразни болести се зголемила од 17,8 на 24,2 на 1000 жители. Помеѓу хоспитализираните пациенти со овие заболувања 65 проценти биле од машки пол спротивно од амбулантните дејности кај матичните лекари каде што биле регистрирани повеќе пациенти од женски пол, со кардиоваскуларни болести“.
Во регионов кој го покрива охридскиот ЦЈЗ во амбулантното лекување од кардиоваскуларните заболувања има намалување во 2020 дури за 30 посто во споредба со 2019 од 810 на 538 на 1000 жители. Најзастапена дијагноза во оваа група заболување останува и понатка хипертензијата, а следуваат исхемичните срцеви заболувања и срцевите аритмии. Има опаѓање во стапката на ново заболени пациенти кај малигните неоплазми и ендокрините матаболни заболувања. Здравствената слика во болничкото лекување е поинаква во Охрид и Дебрца за малигните неоплазми и ендокринолошките нарушувања.
„Исто се случува со стапката на малигни и ендокрини заболувања на подрачјето на Охрид каде се забележува зголемување. Малигните неоплазми од 7,2 на 8,5 на 1000 жители, а ендокринолошките метаболни заболувања бележат пораст од 0,2 на 0,8 на 1000 жители.“
Од заразните заболувања пак, како резултат на пандемијата со вирусот ковид 19 до крајот на минатата година биле регистрирани 2493 пациенти, од кои болничка нега побарале 857 пациенти или 34,4 посто од вкупно заразените ковид пациенти.