Skip to main content

63-то издание на Фестивал „Охридско лето“

Оперската дива Георгиу ќе го отвори Охридско лето, Џон Малкович во театарската програма

Со грандиозен концерт на светската оперска дива, сопранот Ангела Георгиу од Романија и оркестарот на Националната опера и балет на Романија, на 12ти јули на сцената на Античкиот театар ќе биде отворено 63. идание на фестивалот.
 |  Маја Савиќ  | 
Охридско лето програма

Светската оперска дива, сопранот Ангела Георгиу од Романија и оркестарот на Националната опера и балет на Романија под диригентската палка на Теодорашку Артаманов, на 12ти јули, со грандиозен концерт на сцената на Античкиот театар ќе го отворат 63тото Охридско лето.

„Фестивалските вечери на годинашното издание ќе донесат уметност значајна за културниот развој, како на Охрид, така и на целата држава. Ќе создадеме уште едно неповторливо доживување за нашата верна публика. Секое возвишено и успешно издание на „Охридско лето“, почнува со најголемите, најславните, највозвишените уметници ширум целиот свет. Ангела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува во најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција. “ – истакна директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес конференција.

Големо име годинава фестивалот има и во драмската програма. Во Охрид доаѓа светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович.

„Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба со сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин, кој ќе се запише во листата на најголемите уметници, кои настапиле низ фестивалската историја на „Охридско лето“ – кажа Поповиќ.

Посебно горда на годинашната музичка програма и сигурна сум дека мојот избор на музички уметници ќе предизвика огромен интерес кај стручната публика и кај јавноста,кажа селекторката на музичката програма Бисера Чадловска.

„Од светски познатите имиња ќе ги издвојам виолинистот Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, Френк Дупре џез трио, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл La Spagna, дувачкиот камерен ансамбл „Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд и многу други.“ – наброја Чадловска.

Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото Гелебешеви, триото „Аура“, традиционалниот концерт на Музичка младина на Македонија, ден пред свеченото затворање, хорот „Про арс“ под диригентство на Сашо Татарчевски,а за роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе.

Големи актерски имиња, големи режисерски имиња, големи наслови, големи театарски доживувања најави и селекторката на драмскиот дел Сања Арсовска. Театарската програма за годинашното „Охридско лето“ ја нарече „Издание на големите“. Театарската програма ја отвора Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата Бикот на Фаларис.

„26 јули ќе остане запаметен по тоа што Охридско лето ќе приреди историски настан носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија – исповедта на еден сериски убиец“, во режија на Михаел Штурминген. 29 јули е резервиран за уште една голема претстава, „Ана Каренина“ во продукција нa Ујвудеки Зинхаж од Нови Сад, во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. На 6ти август ја имаме првата премиера од домашна продукција, театрот„Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Едвард Втори“, по текст на Кристофер Марлове, режирана од европскиот авторитет, украинскиот режисер Андриј Жолдак. На 10-ти август го имаме Охридскиот народен театар со „Серјожа е туп“ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска.“ – кажа Арсовска.

Прилепскиот театар Војдан Чернодрински ќе го изведе Декамерон од Бокачо, а фестивалската завеса ќе ја спушти најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата „Лагата од Флоријан Зелер“, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар.

Во 40те фестивалски денови, до 20 август, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, „Света Софија“ и Центарот за култура, ќе настапат повеќе од 1.000 уметници од над 20 земји од светот.