ОПМ загрижена за стандардот на потрошувачите
По најавите за енормно поскапување на основните прехранбени производи бараат цените да бидат ограничени. Од министерството за економија смируваат дека веднаш ќе се интервенира долку има некаков ценовен шок.
Организацијата на потрошувачи на Македонија е загрижена по најавите кои доаѓаат за зголемување на цените од 40 до 50 проценти. Маријана Лончар-Велкова, претседателката на ОПМ, напоменува дека и тие како и потрошувачите стравуваат од поскапувањето на потрошувачката кошница и основните прехранбени артикли.
Цените на основните прехранбени производи брашното, лебот, млекото, маслото за јадење, солта, шеќерот на некој начин да бидат ограничени и да не може нивното поскапување да биде енормно големо бидејќи има до 10 посто покачување на прехранбените артикли и средствата за хигиена. Бараме да не вклучат во преговорите на владата и бизнис секторот – истакна Лончар Велкова.
Од ОПМ побарале да се води грижа за да не се загрози стандардот на потрошувачите. Исто така, да бидат вклучени во дискусиите кога ќе се утврдуваат мерките за ублажување од претстојното покачување на цените.
Ние сме за тоа да се даде поддршка на бизнис секторот како што бара Стопанската комора. Има најави дека нема да оди зголемувањето на цените до 40-50 посто на прехранбените производи, но не знаеме. Тоа е до декември, ќе видиме понатака како ќе се качува цената на струјата за фирмите и сме загрижени – вели претседателката на ОПМ.
На оваа тема Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања, најави дека во одреден момент доколку се случи некаков ценовен шок во консултација со стопанските комори веднаш ќе се интервенира. Потсети дека такви одлуки веќе биле донесени за време на пандемијата со Ковид-19. Особено ќе се следат цените на основните производи согласно потрошувачката кошница.
Ќе видиме дали ќе има зголемување на цените на тие производи. Секој ден следиме што се случува и ако има големи ценовни шокови веднаш ќе постапиме како Министерство за економија и ќе донесеме одлуки за замрзнување на цените. Не се зборува за нивно зголемување за 50 отсто и доколку се случи такво нешто секако дека ние директно ќе интервенираме – кажа Битиќи.
Фатмир Битиќи оствари средба со извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, Антони Пешев и оперативната директорка, Билјана Пеева Ѓуриќ. Средбата беше на иницијатива од Комората, а присуствуваа претставници на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, како и на групациите на мелничко-пекарската и кондиторската индустрија, производство на месо и преработки на месо и производство, откуп и преработка на млеко.