Опозицијата во советот на Општина Охрид бара расправа за ревизорскиот извештај
Забелешките во Извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Општина Охрид, за опозицијата во градскиот Совет се загрижувачки. На денешната шеста седница, советничката група на СДСМ и коалицијата предложи дополнување на дневниот ред со точка Извештај во врска со спроведената контрола од страна на Државниот завод за ревизија со посебен осврт кон нивните забелешки и идните дејствија кои општината ќе ги спроведе во насока на надминување на ситуацијата.

–Суштинско и прво прашање што се поставува е дали оваа локална власт има намера да ги решава овие проблеми, а второто прашање е како ќе ги решава. Затоа доколку овoј предлог не се усвои предлагаме свикување на нова седница со единствена точка на дневен ред Разгледување на извештајот од ДЗР затоа што како советници имаме право да ја знаеме вистинската ситуација, а ни е и обврска да преземаме мерки за нејзино надминување, кажа Јане Тодороски – совтник од СДСМ и коалиција.
Тодороски посочи дека советниците и граѓаните за извештајот дознале од медиумите и потенцира дека првенствено треба да се запознаени градските избраници во локалниот законодавен дом, а потоа преку преку јавна расправа на седница и граѓаните.
Според секретарот на Општина Охрид, во ревизорскиот извештај воопшто не се содржи негативно мислење туку препораки како и во сите предходни ревизорски извештаи. Беше дециден дека извештајот не се држел во тајност, ниту пак дека обвинителството отворило предмет за истиот.

–Апсолутно не е точно дека ние не сме ве известиле. Вие како советници имате право и обврска да следите така што ќе повторам ревизорскиот извештај беше објавен на веб страната веднаш откако беше доставен и јавноста и вие и сите ние сме запознати со неговата содржина.
Не треба секогаш да се гледаат насловите по одредени медиуми и портали , како што добивме вчера некои информации дека бил оформен предмет во ОЈО, такво нешто нема. Појдете во ЈО и проверете. Меѓутоа некој сака да прикаже некаква поинаква слика од она што реално е. Ние стоиме на располагање . ДЗР има обврска да ги достави ревизорските извештаи до сите институции согласно закон кои вршат некаков надзор , а ние стоиме на располагање за се што сметаат дека е незаконски, кажа Александар Китески – Секретар на Општина Охрид.
Барањето на опозицијата дневниот ред да се надополни со расправа за ревизорскиот извештај не беше прифатено од мнозинството во советот. Секретарот Китески кажа дека општинските служби по сектори веќе постапуваат согласно препораките од ДЗР. Општина Охрид има рок од 90 дена да преземе мерки за надминување на уврдените состојби од ревизорите.