Опозицијата не ја поддржа одлуката за плаќање на докгот кон ЕВН на ОУ „Григор Прличев“
Советниците СДСМ и нивните коалициони партнери денес на 60тата седница на Советот на општина Охрид беа против одлуката за плаќање на долгот кон ЕВН на ОУ „Григор Прличев“. Тие кога дојде ред да се гласа оваа точка, ја напуштија седницата. Но сепак истата со мнозинските гласови на позицијата, помина.
Бурна и неколкучасовна расправа меѓу охридските советници предизвикаа првите точки од дневниот ред кои се однесуваа на усвојување на годишните извештаи за работата и материјално-финансиското работење на основните и средните училишта во Охрид. Координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски на денешната 60-та седница, истакна дека не добиваат потполни информации за финанското работење на образовните институции во општина Охрид. Тие настапија со два конкретни предлози кои се однесуваат на ОУ „Григор Прличев“ и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
„Во однос на Григор Прличев упативме и еден апел до колегите советници од владеачката коалиција, но за жал тоа е нивна практика воспоставена тие ништо не прифаќаат и не се за никаква соработка. Во случајов имавме еден сосема празен извештај од ОУ Григор Прличев, заради нивна блокирана сметка , заради еден горлив системски проблем кој се провлекува долго време во врска со работењето на училиштето, апсолутно не се прикажани никакви материјални трошоци па дури ни трошоците за реконструкцијата која во моментов се случува на ова училиште. Мора да се соочиме реално со проблемот“
Стојаноски смета дека проблемот со ОУ „Григор Прличев“ мора да се реши бидејќи се провлекува уште од 1989 година и се повеќе се продлабочува. Тој додава дека оваа општинска администрација предводена од градоначалникот досега не нашла решение за овој проблем. Директорката на ОУ „Григор Прличев“, Силвија Мојсоска се согласува дека проблемот само се продлабочува. Додаде дека, факт е оти училиштето е блокирано, но смета дека околу прашањето за овој проблем не треба да има политика.
„Ние како училиште тешко функционираме но мора да работиме. Три години ништо не плаќаме, освен струјата што вие гласатe…другите сметки не ни се платени. Околу другите работи функционираме…..дали се тоа средства за хигиена…на повеќе начини не помагаат и фирми“
Образованието е една комплексна материја а неговото финансирање е уште покомплексно, истакна срекретарот на општината Димитар Спасески. Тој додаде дека уште со превземањето на мандатот, на чело со градоначалникот Никола Бакрачески, оваа Локалната самоуправа сериозно инвестирала во образовниот процес. Додека пак што се однесува до проблемот со ОУ „Григор Прличев“, Спасески напомена дека повеќе пати долгот е елабориран и дека посветено се работи за изнаоѓање на трајно решение.
„Можност за превземање на долгови засега нема а дополнително нема ни желба за склучување на договор за исплаќање на обврските преку Локалната самоуправа, предлогот е поставен на маса и се разгледува. Јас верувам дека ќе успееме во идните буџетски планирања да видиме што може да се направи со оваа ставка и да се обидеме од средствата кои што ги има буџетот на општина Охрид, да извршиме исплата на побарувањата на странките кои го имаат блокирано ОУ Григор Прличев и тоа понатаму да продолжи нормално да функционира“
Спасески категоричен дека ваквата состојба нема да се одрази во однос на образовниот процес, бидејќи директно се плаќале сметките за електрична енергија на Општина Охрид кон ЕВН Македонија. Но укажува дека проблемот не е за занемарување и во секоја ситуација се настојува да се изнајде решение. Иако советниците од опозицијата ја напуштија седницата кога дојде на дневен ред гласање по одлуката за плаќање на долгот кон ЕВН на ОУ „Григор Прличев“ истата со мнозинските гласови на позицијата, помина.