Новa опрема за угостителство во РЦСОО „Ванчо Питошески“ Охрид

Комплетно опремена со нова современа угостителска опрема е работилницата за практична настава и кабинетот по готварство во угостителското училиште „Ванчо Питошевски”. Учениците имаат можност да стекнуваат знаења и вештини во услови блиски до реалната работна средина, како во модерните кујни на рестораните и хотелите. Значењето на оваа инвестиција е големо, особено затоа што станува збор за кадар кој е многу баран на пазарот на труд.

Опремата е обезбедена со поддршка од УНДП и претставува значаен чекор во унапредување на наставата.
„Станува збор, благодарение на УНДП, за донација на најсовремена угостителска опрема за потребите на кабинетите по практика, за готварство и послужување. Учениците ќе можат да стекнат вештини и знаења според европските стандарди. „Учениците секојдневно изведуваат практична настава и со помош на оваа опрема излегуваат од училиштето подготвени за работа во угостителството – практично веднаш можат да се вклучат на пазарот на труд”, нагласи директорот Тони Андрески.
Од училиштето посочуваат дека новата опрема ќе придонесе за уште поквалитетна практична настава, поголема мотивација кај учениците и зголемен интерес за упис во струките поврзани со туризам и угостителство.

Учениците се задоволни од условите во кои ќе изведуваат практична настава, еве што изјавија дел од нив :
–Новата опрема во кабинетите по готварство и послужување претставува значаен чекор за унапредување на практичната настава во нашето училиште, кое е насочено кон туризмот, гостителството и струките од овие области.
-Со новото опремување на кабинетите, ние како ученици добиваме можност да работиме во услови што одговараат на современиот стандард во гостителството.
–За нас како ученици, ова значи подобра подготовка за заедничката професија и повеќе можности по завршувањето на образованието.
–Со вакви услови, училиштето продолжува да создава квалитетни и подготвени кадри во угостителството и туризмот. Практичната настава ќе биде поквалитетна, поефикасна и многу поблиску до реалната работна средина.
–Работата со новата опрема ќе ни помогне да стекнеме поголема сигурност, практични вештини и искуство, а воедно ќе ни овозможи поголема креативност, прецизност и безбедност во работата.

Во рамки на истиот проект, со финансиска поддршка од Европската Унија, целосно се реконструирани објектот и ученичкиот дом на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески” во Охрид. Инвестицијата е во вредност од околу 1.7 милиони евра.
Соња Рилковска



