Skip to main content

Општата болница во Охрид и ОУ „Св. Климент Охридски“ денес добија донации

Општата болница во Охрид и ОУ „Св. Климент Охридски“ денес добија донации во медицински и школски инвентар. Здружението за христијанска помош од Визмар, Германија кое има повеќегодишна соработка со градов реши на овие две установи да им помогне со опрема.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Инвалидски колички, кревети, душеци, сталаци за инфузија и друга медицинска опрема доби денес Општата болница во Охрид. Тоа е дел од донацијата која и беше дадена на болницата од страна на Здружението за христијанска помош од Визмар, Германија кое има повеќегодишна соработка со градов. Директорката на болницата Славица Малеска рече дека опремата пред се е наменета за детското одделение, но некои помагала ќе бидат распределени и на останатите одделенија.

Секоја донација е добредојдена посебно во овие тешки времиња за болницата. Соработката со здружението ќе продолжи и понатака но и со други добронамерници кои сакаат да ни помогнат. Веќе имамае најава дека за два дена ќе добиеме уште една донација од Германија која се надеваме дека ќе биди корисна за сите одделенија во Општата болница, вели директорката Славица Малеска, директор на Општа болница-Охрид.

Донација доби и ОУ „Св. Климент Охридски“. Училишни табли, прожектори, столчиња и маси ќе го збогатат инвентарот на ова училиште.

Инвестирањето во образованието е секогаш добредојдено и е од голема помош во ова време затоа многу му благодарам на здружението и се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму, рече Наташа Танеска- директорот на ОУ „Св. Климент Охридски“.

Овие донации доаѓаат во нашиов град преку Здружението за христијанска помош од Визмар кое уште пред две години потпишало меморандум за соработка со градов, но и со Струга и Поградец. Од тогаш локалните администрации и граѓаните континуирано негуваат размена на меѓусебни искуства и си помагаат.

Целокупниот материјал кој што е дониран потекнува од болницата во градот Визмар кој е исто така град на УНЕСКО. Опремата е користена само две-три години и од кога беше реновирана болницата беше набавена нова опрема, а старата ја зачувавме за да ја донираме, вели Фридер Вајнхолд- претседател и извршен директор на Фондацијата за христијанска помош од Визмар.

Соработката продолжува и понатаму, а донациите кои ги дава Здружението за христијанска помош пред се се за образовните и здравствените институции, но и за неразвиените рурални средини.