Општина Охрид бара начини да се справи со затекнатиот долг
За реализација на нови инвестициски зафати ќе се инсталира софтвер за наплата на даноци од имот. Друг начин е одблокирање на стопираниот кредит од 5 милиони евра одобрен минатата година.
Долгот на општина Охрид е огромен финансиски товар за почеток на нови инвестициски зафати, вели градоначалникот Кирил Пецаков. Локалната власт ќе бара начини како да функционира понатаму во комплицираната финансиска ситуација со долг од 22 милиони евра.
Ќе мора да најдеме решение, да се погрижиме за брзо време да функционира успешна наплата во даноците на имот и порамнување. Ќе имплементираме еден софтвер за наплата на даноци кој ќе ни ја даде јасната слика за кого и на кој начин се наплатувале даноците во општина Охрид. Ќе биде неселективен и прецизен, изедначен со податоците од државните институции како што е катастарот – истакна Пецаков.
Градоначалникот Пецаков се надева на поголем прилив на средства во општинската каса по наплата од даноците на имот. Друг чекор е да издејствуваат добивање на кредитот од 5 милиони евра кој е одобрен уште во текот на месец јули минатата година, но е стопиран. По формирање на новата Влада ќе бараат средба со министерот за финансии и премиерот за да се одблокира тој процес.
Кредитот не е одобрен заради несервисирани обврски кои Државното јавно претпријатие „Колектор“ ги имало кон Министерството за финансии, а е државно јавно претпријатие, не е на општината. Ние како Локална самоуправа ќе бараме кредит за подобро да функционираме. Сметам дека и тие разлики ќе ги испегламе како Локална самоуправа и Влада. Ќе сме во можност следната година да земеме кредит, во законски рамки, од 30 отсто од оперативниот буџет на општина Охрид за 2021 година и ќе имаме релативно стабилен период – додаде Пецаков.
Општина Охрид во меѓувреме, во текот на оваа година, ќе стартува со реализација на започнати проекти како што се изградбата на катна гаража, реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ и реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“.