Општина Охрид ќе формира партиципативно тело за урбанизам
На отворениот јавен оглас се пријавиле физички лица. Архитектите пак, скептични дека ова тело ќе донесе подобрување во просторното и урбанистичко планирање на градовите. Според нив неговото формирање е од формална природа.
Општина Охрид ќе формира партиципативно тело за урбанизам. Заврши огласот на кој имале парво да се пријавуваат граѓани, НВО и правни лица за да бидат дел од телото кое треба да се формира според најновите измени на Закон за просторно и урбанистичко планирање. Телото ќе брои 7 члена и ќе има за цел да ја вклучи јавноста во подобрување на просторното и урбанистичко планирање на градовите, објаснуваат од Секторот за урбанизам при Општина Охрид.
„Има пријавени лица кои по донесувањето на Деловникот за работа ќе го формираат Партиципативното тело. Тоа ќе работи со нас. Според Законот треба да го контактираме при иницијативи и изработка на детални планови. Во работната фаза ќе имаат активно учество без право на одлучување, но ќе е релевантно нивното мислење како граѓани или заинтерсирани за доброто на градот.“
Од секторот за урбанизам при ЛС информираат дека нивната работа ќе биде транспарентна. Општинскиот Совет редовно ќе биде известуван за водењето постапки при изработката на деталните планови. Комисијата за урбанизам може да учествува и да соработува во работата на партиципативното тело, појаснуваат од секторот за урбанизам.
ТВМ Телевизија контактираше архитекти од Охрид и Струга за да го чуе нивниот став дали формирање вакво партиципативно тело ќе даде резултати во хаотичното урабанистичко планирање на градовите. Архитектите изразија сомнеж дека ова тело ќе донесе подобрување во урбанистичкото планирање. Сметаат дека телото ќе постои формално и ќе биде, како што велат, покритие на политички и бизнис влијанија. Сугерираа дека за вистинско решавање на урбанистичкиот хаос треба да се бара во практиките на урбанистичките планирања во помалите Европски земји како Данска или Луксембург за да се применуваат и кај нас. Посочуваат дека Законот за просторно и урбанистичко планирање не може да има иста примена во сите градови во Македонија.