Skip to main content

Општина Охрид нема пари да ја расчисти депонијата Мауцкер

Општина Охрид  нема пари да ја расчисти  депонијата Мауцкер.

 |  Валентина Неловска  | 

Општина Охрид  нема пари да ја расчисти  депонијата Мауцкер за изградба на  слободна економска зона. Ова беше одговорот на градоначалникот Никола Бакрачески на прашањето на советничката од НСДП, Верица Хајба, која на последната седница на совет се интересираше зошто во Мауцкер не се изгради најавената слободна економска зона. Градоначалникот    одговори дека проценките на количината на депонираниот отпад и потребните  средства за расчистување  на отпадот на Буково покажале дека се работи за огромни количини депониран комунален отпад и градежен шут во износ од околу 40.000 кубни метри , а за кој се потребни 500.000 евра за расчистување.

„Мора да признаеме дека такви средства пробавме да најдеме преку Владата и Министерството за животна средина, но не успеавме. Финансиските можности на општината не дозволуваат да направиме инвестиција и да потрошиме пола милион евра за диспозиција на депонијата. Тоа е вистината за  изградбата на индустриската развојна зона“, напомена градоначалникот.
 
Ова прашање отвори дискусија и за тоа кој прв почнал без  одлука на совет Мауцкер да ја користи како привремена депонија за комунален отпад покрај онаа на Буково. Бакрачески обвини дека минатата постава на локалната  власт дозволила на овој простор да се депонира и комунален отпад , а не само градежен шут. Хајба праша зошто тогаш Бакрачески не забранил овој простор и понатака да се користи за таа намена.

„Зошто Вие не го спречивте тоа депонирање? И ден денес ЈП Комуналец депонира отпад и прави со ваш благослов еколошка бомба во близина на Охрид“, праша Хајба.

Лично издадов наредба  комунален отпад да не се депонира во Мауцкeр, одговори градоначалникот Бакрачески. Тоа го потврди и директорката на ЈП Комуналец ,Елена Скрческа,  но кажа дека сепак во зимски услови го користат Мауцкер за привремена депонија.

„Во 90 проценти од случаите го држиме тој збор и комуналниот отапд го депонираме на Буково. 10 посто се однесува во зима кога имаше снег и не можевме да ја користиме депонијата Буково времено депонираме отпад, но со првата прилика по топењето на снегот тој смет го транспортираме во Буково“ , тврди Скреческа.

Сега на Муацкер се депонира само мала количина од 5 м кубни градежен шут за мал надоместок. Со тоа спречуваме градежниот шут да заврши покрај патиштата и реките и други недозволени места, кажа директорката на ЈП Комуналец.

Инаку , за изградбата  на Мауцкер како слободна економска зона или индустриска зона, општина Охрид екпресно изготви урбанистичка планска документација која беше  усвоена од Советот. Намерата беше на Мауцкер да се продаваат парцели на ивеститори кои би вложувале во лесна незагадувачка индустрија .