Општина Охрид подготвува план за одржлива урбана мобилност
Планот треба да ги даде насоките каде градот треба да се движи во наредните 10 години. Граѓаните на тој начин ќе добијат поголема пристапност, достапност и мобилност во урбаното живеење со исклучување на моторниот сообраќај. Денес се одржа втората работилница за планирање на урбана мобилност.
95 проценти од 850 граѓани анкетирани од страна на општина Охрид сакаат центарот на градот да биде подостапен за пешаците, а 80 % не сакаат сообраќај во стариот дел од градот. Тоа ни дава за право да извлечеме заклучоци кои се потребите на граѓаните, вели Зоран Шиколоски раководител на одделението за сообраќај. Денес, во општина Охрид се одржа втората работилница за планирање на урбаната мобилност со кој ќе изработи план за одржлива урбана мобилност , напоменува Шикалоски.
„ Треба да утврдиме што сакаме, а што не сакаме, што имаме, а што немаме. Да дадеме краткотрајни решенија и долготрајни заклучоци по планот за одржлива мобилност. Ќе се изработи планска документација према која понатака ќе треба да се движи градот“, вели Шикалоски.
Планот за урбана мобилност треба да ги даде насоките за следните 10 години. Според нив ќе се планира урбаниот простор и ќе се носат урбанистички планови. Досега се земаше во предвид автомобилскиот сообраќај, но денес во светот се гледаат потребите на граѓаните, пешаците, велосипедистите, лицата со посебни потреби па на крај на автомобилскиот сообраќај. При планирање на просторот се преземаат мерки различни од досегашните при што ќе се следат европските трендови, кажува Шикалоски.
„ Планот за одржлива мобилност дава насоки каде еден град треба да се движи во однос на одржливата мобилност и ние како општина тоа ќе го следиме. Со цел да им обезбедиме на граѓаните пристапност, достапност, мобилност и пополека да го исклучуваме моторниот сообраќај од урбанато живеење особено во централното градско подрачје и стариот дел од градот “, вели Шикалоски.
Скоро 2 години Општина Охрид е дел од CIVITAS мрежата од Југоисточна Европа за планирање на просторот. Проектот е финансиски поддржан од Зелс, Гис и општина Охрид, а се спроведува и во Битола, Кавадарци, Куманово и општина Карпош.