Skip to main content

Општините од југозападниот регион ќе градат на три локации шелтер центри за бездомни кучиња

Една од локациите е на Мауцкер каде што ќе бидат згрижени бездомни кучиња од општина Охрид , Струга , Дебрца и Вевчани. Функционирањето на шелтер центрите е скапа инвестиција па затоа општините на овој начин ќе ги намалат трошоците со финансиска поддршка  од Европската унија, а имплементиран од УНДП. 

 |  Валентина Неловска  | 

Советот за развој на Југозападниот плански регион усвои предлог одлука за изградба на микростационари за кучиња скитници на три локации. Со финансиска поддршка од Европската унија, а имплементирани од УНДПИ ќе бидат изработени основни проекти за изградба на стационари на Мауцкер за општина Охрид, но и за Кичево и Центар Жупа. Во микростационарот на Мауцкер ќе бидат згрижувани кучиња од општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебраца. Згрижувањето на бездомните кучиња во прифатни центри е мошне скапа инвестиција која според проценките чини околу 100 евра по куче без додатните трошоци. Спасот во справување со овој проблем е во здружување на општините. Општина Охрид , веќе сериозно започна со подготовки за справување со бездомните кучиња и е чекор напред пред останатите општини од регионот, проектот е скоро во завршна фаза, се чека само на изработка на Локалната планска урбанистичка документација. Со изградбата на регионален микростационар многу ќе и се олесни на општината , вели Антонио Гаврилоски од општина Охрид.

„Овој проект конкретно за општина Охрид ќе помогне да се изработи основниот проект за стационар и после ќе функционира регионално. Со подобро финансирање, од повеќе општини ќе се соберат повеќе средства и ќе се добијат поквалитетни извори за финсирање. Нема се да е оставено на општина Охрид. Со здружување на три општини и со распоредување на финансискиот терет ќе биде поефикасно и подобро справувањето со овој проблем,“вели Гаврилоски.

Васко Карангелески, тим лидер на консултанската куќа која ја изработи Физибилити студијата за менаџмент на популацијата на бездомните кучиња , образложи дека во Охрид и Струга се регистрирани околу 150 бездомни кучиња, а на врвот на листата е Кичево со 500 напуштени кучиња.

До крајот на годинатата општините треба д а имаат буџети. Ние им помагаме да направат калкулации и насоки. Ќе има точна цена на чинење за конкретните општини“, напоменува Каранѓелески.

Според податоците од Студијата за менаџмент на популацијата на бездомните кучиња буџетот на општините дополнително се оптоварува по основ на судски трошоци од граѓани кои тужеле за отштета од каснување на бездомно куче. По овој основ, општина Охрид треба да исплати околу 10.000 евра , Струга околу 40.000 евра, а општина Кичево над 100.000 евра. Општините со решавање на проблемот со кучињаат скитници треба да почнат веќе од наредната година.