Skip to main content

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе половина година не функционира

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе половина година не функционира. Тој има за цел  унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид, едукација на целните групи за почитување на сообраќајните правила и прописи и  подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот. Затоа е важно како тело и понатаму да постои. Од Локалната велат дека до крајот на оваа година ќе имаме нови членови и нов Совет за безбедност во сообраќајот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе пола година не функционира. Уште во месец Мај заврши мандатот на претседателот на совет и на неговите членови, а од тогаш до сега не е конституиран нов. Овој Совет кој е во рамките на Локалната самоуправа има за цел унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид, едукација на целните групи за почитување на сообраќајните правила и прописи и подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот. Затоа многу е важно тој како тело и понатаму да постои.

Сигурно ќе има нов совет и нови членови бидејќи својот легитимитет го црпи од Законот за безбедност на патиштата и од Законот за Локална самоуправа и тоа стои во статутот на Општина Охрид. Во изминативе четири години тој имаше позитивна улога во подобрувањето на безбедноста во сообраќајот. Јас се надевам дека до крајот на оваа година ќе имаме нови членови и нов Совет за безбедност во сообраќајот, вели Томе Џамтоски-портпарол на Локалната самоуправа.

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во периодот 2015-2019 година реализира над сто значајни превентивни и едукативни кампањи насочени кон општата јавност и кон сите целни групи-учесници во сообраќајот. Намерата беше значително да се влијае кон подигнување на јавната свест за внимателност во сообраќајот, подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници посебно на најмладата популација и на ранливите категории, кон намалување на сообраќајните незгоди, загуба на човечки животи, телесни повреди и материјални штети.

Од минативе четири години се покажа дека и тоа како е потребно тој да функционира и да преставува врска помеѓу институциите кои се задолжени за безбедноста во сообраќајот и Општината, вели Џамтоски.

Општинскиот совет за сообраќај во годишните програми предложи изработка на идејна сообраќајна пилот студија „Велосипедско поврзување на Охрид и Струга“, „Велосипедска патека за секоја охридска улица“ како и повеќе идејни мерки за зголемување на безбедноста и смирување на сообраќајот на регионалниот пат Св.Наум-Охрид на критичното место пред „Хидробиолошки завод“ каде имаше сообраќајни незгоди со жртви. Затоа Локалната треба што побрзо да преземе активности за формирање на новиот сотсв и назначување претседател на овој Совет како започнатите проекти би можеле да бидат дозавршени, а да бидат проектирани и нови.