Општинските средни училишта без дефектолози
Децата со интелектуална попреченост по завршувањето на основното се вклучуваат во средното образование.
Децата со интелектуална попреченост по завршувањето на основното се вклучуваат во средното образование. Најчесто овие ученици го продолжуваат образованието во стручните општински училишта. Од Бирото за развој на образованието нагласуваат дека наставната програма за овие средношколци е прилагодена. Од друга страна пак, професорите кои во пракса се сретнуваат со ваков начин на инклузија на учениците во образовниот процес велат дека имаат потреба од стручна помош на дефектолозите. Засега, нив како кадар во средните училишта ги нема. Дефектологот Наташа Илоска, од основното училиште „Братство Единство“, смета дека е потребно да се ангажираат стручни лица и во средните училишта.
„ Потребно е во средните училишта да има мобилен дефектолог кој ќе опслужува повеќе училишта, а ќе им помага на учениците со посебни обрзовни потреби“.
Во основните училишта, пак има дефектолози иако не доволно, кои во зависност од степенот на интелектуална попреченост на учениците, работат со нив. Во неколку општински основни училишта има посебни паралелки како и деца со посебни образовни потреби вклучени во редовните паралелки. Некои од учениците имаат дијагноза, а некои се од воспитно-социјално запоставени семејства, вели дефектологот Илоска.
„За децата со посебни образовни потреби изработуваме индивидуални образовни планови кои се реализираат во наставата. Како дефектолог има помагам на наставниците, а работам и со учениците кои имаат потреба од стручна помош.“
Без оглед на потешкотиите со кои се соочуваат училиштата, наставниот кадар, родителите, а најмногу самите ученици со посебни образовни потреби, тие според законот за образование мора да завршат средно училиште. Инспекторите за образование минатата година поднеле шест прекршочни пријави за родителите кои не ги запишале децата во средно образование. Нема податок дали некоја од пријавите е за родители на средношколец со посебни образовни потреби.
{loadposition content9}