Skip to main content

Општите матични стоматолози незадоволни од предложените договори за работа со Фондот за здравство

Општите матични стоматолози незадоволни  од предложените  договори за работа со Фондот за здравство. Бараат измена на подзаконските акти и изедначување на капитацијата со општите матични лекари. Општите стоматолози се жалат дека се доведени до работ на егзистенција и нормално функционирање на стоматолошката служба.  

 |  Валентина Неловска  | 

Општите матични стоматолози се незадоволни од договорите за работа склучени со фондот за здравство и се во тешка финансиска состојба. Охридските матични стоматолози денес го изразија својот револт и проговорија во какви услови работат. Велат незадоволни се од просечните примања од околу 15.000 денари, од големите трошоци во работата, малите приходи и недоволниот број пациенти бидејќи луѓето се иселуваат. Сето тоа се одразува негативно врз нормално функционирање на стоматолошката служба. Стоматолозите кои имаат склучено договори за работа со Фондот за здравство не ги прифаќаат новите договори за рабоата, вели општиот матичен стоматолог Мирјана Анѓелоска.

„ Бараме да се почнат преговри за промена на подзаконските акти, уредбата за мрежа и усогласување на договорите со законските одредби од Законот за осигурување и Законот за здравствена заштита. Со цел да се најде решение за докторите од примарно и секундарно ниво бараме одложување на потпишувањето на договорите и континуитет на работата да се запази со потпишување на анекс на постојните договори со важност од 6 месеци“, вели Анѓелоска.

Предлагаат нов модел со пакет стоматолошки услуги за да може ординациите нормално да работат и да го остваруваат своето право и стоматолозите и пациентите. Бараат да се зголеми буџетот за општите матични стоматолози кој во моментот е помалку од 1 посто од вкупниот буџет за здравството или ¼ од буџетот на општите матични лекари. Во преговорите со здравсто сакаат да се вклучат стоматолози кои ќе учествуваат во решавање на нивните проблеми.

„Ние сакаме да се поистоветиме со општите матични лекари. Ние не сме на исто ниво со нив, а сме на раб на егзистенција. Малку фали да ги затвориме ординациите. Нашиот капитациски фонд нема врска со капитацискиот фонд на општите лекари. И ние имаме дипломи ,а не сме на исто ниво“ , вели д-р Лидија Трајческа.

Во моментов во Охрид има над 140 стоматолошки ординации. Од нив 55 стоматолошки ординации имаат склучено договори за работа со Фондот за здравствено осигурување.