Во Општата болница во Охрид изграден централен цевковод за медицински кислород во интернистичкиот блок

Во ЈЗУ Општа болница – Охрид е завршена изградбата на централен цевковод за медицински кислород во интернистичкиот блок, проект реализиран со финансиски средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Со инвестицијата, одделенијата за Интерно, Неврологија и Педијатрија се поврзани на централен систем за снабдување со медицински кислород, со што целиот интернистички блок добива современо и континуирано снабдување.





Од болницата информираат дека новиот систем значително ги подобрува условите за лекување на пациентите, овозможува побезбедна и поефикасна примена на кислородна терапија и придонесува за унапредување на квалитетот на здравствените услуги.
„Продолжуваме со инвестиции во модернизација на болничката инфраструктура, со цел да обезбедиме подобри услови и за пациентите и за здравствените работници“, соопштија од ЈЗУ Општа болница – Охрид.







