Општина Дебрца два дена го чистеше пристапниот пат кон Белчишко Блато
Викендов се чистеше пристапниот пат од село Белчишта кон Белчишко Блато, каде денеска ќе се одбележи 22 Мај Светскиот ден на биодиверзитетот и Денот на Натура 2000.
Извршено е порамнување на патот, чистење на крајпатно депонираниот инертен отпад и градежен шут, како и санирање на локалната нелегална депонија, информира градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

„Во овој контекст, сакам да укажам дека во последно време на територијата на општината констатирано е неконтролирано одлагање на инертен отпад и градежен шут на повеќе локации ( кај мостот на каналот на река Сатеска на патот Волино-Требеништа, кај Ново Село, Грко Поле, Црвена Вода и други локации ),со што се врши деградација на природната и животната средина.„ – посочи Ногачески.


На лице место излегле општинските служби, направени се записници за констатација и во голем дел детектирани се физичките и правни лица кои го депонирале отпадот и до истите издадени се задолженија локациите да ги санираат и вратат во првобитна состојба.
„И сега и во иднина, против сите прекршители општината ќе поднесе соодветни пријави, согласно законот за управување со отпадот и законот за животната средина.“ – потенцира градоначалникот.
Порачува дека сите граѓани имаме обврска да ја заштититуваме природата и да обезбедиме чиста и здрава животна средина.


