Skip to main content

Општина Дебрца ги повикува граѓаните да дадат предлози за Буџетот за 2027 година

Преку прашалникот, жителите на Дебрца ќе имаат можност да ги искажат своите мислења, предлози и приоритети, кои ќе послужат како насоки при планирањето и распределбата на буџетските средства за наредната година.
 |  инфодеск  | 

Започна процесот на подготовка на Предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2027 година, а граѓаните добиваат можност директно да учествуваат во утврдувањето на локалните приоритети и потреби.

Општина Дебрца го започна процесот на подготовка на Предлог-буџетот за 2027 година, согласно насоките на Министерството за финансии и законските обврски што произлегуваат од Законот за буџетите и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Во насока на обезбедување транспарентно, одговорно и инклузивно планирање на општинските финансии, Општината упати повик до сите граѓани активно да се вклучат во подготовката на буџетот преку пополнување на анкетен прашалник.

Преку прашалникот, жителите на Дебрца ќе имаат можност да ги искажат своите мислења, предлози и приоритети, кои ќе послужат како насоки при планирањето и распределбата на буџетските средства за наредната година. Станува збор за краток прашалник, за чие пополнување се потребни најмногу 10 минути.

Пополнетиот прашалник може да се достави на два начина:

  • По електронска пошта: contact@debrca.gov.mk
  • По пошта: Општина Дебрца, с. Белчишта, Општина Дебрца.

Од Општина Дебрца нагласуваат дека мислењето на секој граѓанин е важно, бидејќи токму преку ваквиот начин на учество се создаваат услови за буџет кој ќе одговори на реалните потреби на населението и ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот во општината.

Граѓаните се повикуваат да го искористат ова право и активно да придонесат во утврдувањето на приоритетите за развој на Дебрца.