Општина Дебрца ги презеде пумпните станици и го промени снабдувачот со струја
Исклучување на пумпните станици и оставање без вода на жителите и фирмите во Дебрца повеќе нема да се случува, велат од општината.
На предлог на градоначалникот Зоран Ногачески, Советот на општината на последната седница донесе одлука за преземање од страна на општината на сите пумпни станици, а со тоа и обврската за плаќање на сметките за електрична енергија.
Постапката за промена на корисник е завршена и почнувајќи од 1 Февруари снабдувањето со електрична енергија на пумпните станици ќе го врши од општината избраниот снабдувач, ЕДС АД Скопје, а сметките ќе ги плаќа општината.
-Со промената на снабдувачот во старт ги намалуваме сметките за најмалку 30 %. Имено , ЕВН Хоме киловатот со сите давачки го наплатува 15- 16 денари, а моменталната цена која ја наплатува ЕДС изнесува 9 -10 денари за киловат. Во наредниот период ќе преземеме активности за дополнителна заштеда /промена на пумпите во пумпна станица с.Мешеишта и поставување на фотонапонски централи за пумпните станици во село Мешеишта и село Требеништа,како и зајакнување на капацитетите на јавното претпријатие,особено во делот на комуналната дејност водоснабдување, вели градоначалникот Ногачески.
Пумпните станици од кои се снабдуваат со вода граѓаните и фирмите во повеќе села во Дебрца како и ПЗУ за дијализа “Невроплус” Охрид и меѓународниот аеродром “Св.апостол Павле, во неколку наврати беа исклулувани од напојување со електрична струја од страна на ЕВН поради заостанат долг. Општината го презеде долгот од околу 19 милиони денари од комуналното претпријатие и постигна договор со снабдувачот за сервисирање на рати, но и покрај тоа, како што информираа од ипштината било најавено ново, четврто по ред, исклучување на пумпните станици, за 21 Февруари.
Со преземањето на пумпните станици од страна на општината граѓаните и сите други корисници повеќе нема да бидат доведени во непријатна ситуација да останат без вода за пиење,поради неплатени сметки, вели градоначалникот и уверува дека и покрај редовното сервисирање на тековните трошоци за струја, општината ќе продолжи со капитални инвестиции.