Skip to main content

Национална комисија за унеско

Костадиновска Стојчевска : Општина Охрид да ја преиспита изградбата на хотелот во Лагадин

Општина Охрид да ја преиспита изградбата на хотелот во Лагадин, а во меѓувреме таму да нема активности, порача министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Ова е заклучок на националната комисија за УНЕСКО која заседаваше синоќа. Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што тоа го предвидела локалната во сегашната одлука за донесување и спроведување на урбанистички планови и легализација на дивоградби, посочуваат од Комисијата и препорачуваат Општината да донесе нова одлука.
 |  инфодеск  | 
Бисера Костадиновска Стојчевска

Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани со изградбата на објектот на крајбрежјето во Лагадин, препорача Националната комисија за УНЕСКО по синоќешната седница. Општината, притоа, треба да се води по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е и претседателка на комисијата за УНЕСКО.

Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид – потенцира министерката.

Комисијата препорачува Општина Охрид, да ја поништи донесената Одлука, од 22.12.2022 година, за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, а имајќи го предвид членот 2 од Законот за управување со светското природно и културно наследство според кој управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес, што се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон – посочи министерката.

Во новата Одлука, што треба да ја донесе, Општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што тоа го предвидела локалната во сегашната одлука за донесување, спроведување на урбанистички планови и проекти и водењето на постапките за легализација на дивоградби, заклучи Националната комисија за УНЕСКО.