Општина Охрид дел од проектот „Месеци на практикантство“

Општина Охрид е вклучена во проектот „Месеци на практикантство“, кој го спроведува Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, во соработка со Министерството за локална самоуправа.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, денеска оствари работна средба со директорката на Агенцијата ИНОВА, Даниела Димовска, како и со седумте студенти кои се дел од проектот и своето практикантство го реализираат во Општина Охрид.
На средбата се разговараше за реализацијата на проектот, практикантската работа на студентите, како и за можностите што ги нуди проектот. Беше истакнато значењето на стекнувањето практични знаења и искуства преку директно вклучување во работата на локалната самоуправа.
Проектот „Месеци на практикантство“ има за цел на студентите да им овозможи практична примена на знаењата стекнати во текот на образованието, стекнување нови вештини и релевантно работно искуство.
Студентите се распоредени во соодветни сектори и одделенија во Општина Охрид, согласно нивната студиска програма и струка, со цел практикантството да придонесе кон нивниот професионален развој и полесно поврзување на академското знаење со практичната работа.







