Општина Охрид и годинава со поддршка на учениците и студентите
Финансиска поддршка и годинава ќе има за основците, средношколците и студентите. Објавени јавните повици за доделување ученички стипендии во општина Охрид.
Стипендии се предвидени во три категории, за талантирани ученици, кои освоиле награди, одлични ученици од семејства со социјален ризик и ученици со посебни остварувања во разни области. Висината на стипендиите изнесува 2000 ден месечно во текот на девет месеци.
И во 2024 година ќе има финансиска стимулација за ученици и студнети со посебни потреби и ретки болести.
„ Особено сме горди на јавниот повик за доделување на стипендии на ученици, студенти, магистранти и докторанти кај лицата со посебни потреби и ретки болести. Тоа е активност која општина Охрид е единствена во земјава и доделува финансиска поддршка за овие категории. Тука поддршката изнесува 2000 денари за учениците, додека 3000 дена за студентите за период од девет месеци во текот на учебната година”, изјави Димитар Спасески раководител на Секторот за образование при општина Охрид.
Повторно, ќе има и награди на најдобрите ученици и нивните ментори. 10 000 ден за освоено прво место на државен натпревар, 7000 дена за второ место и 4000 ден за трето место. А награди се предвидени и за првенците на генерација во сите училишта.
„Целта ни е да ги стимулираме учениците да учествуваат на регионалните, државните и меѓународните натпревари. Да постигнуваат значајни резултати, а за прв пат во текот на минатата година ги наградивме и нивните ментори, односно они кои што работат со нив со цел и нив да ги стимулираме, да им помогнат на овие деца во правец на остварување на подобри резултати. Ја имаме традиционалната манифетсација по повод празникот Свети Кирил и Методиј и им укажуваме внимание на сите кои освоиле награди”, додава Спасески.
Изминативе две години околу 600 ученици добиле стипендии и финансиска поддршка, од општина Охрид велат поддршката е значајна бидејки од една страна се вреднува трудот на учениците, но од друга се стимулираат младите да се псоветат на образование и едукација.
Новинар Соња Рилковска