Општина Охрид обезбеди две изданија на Брајово писмо од книгата „Гоце Делчев“ на Ванчо Николески
Со поддршка на Општина Охрид, преку Одделението за култура обезбедени се две изданија на Брајово писмо од книгата „Гоце Делчев“ на Ванчо Николески, кои ќе бидат предадени на Библиотеката „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид.
„По повод 4 Јануари-Meѓународниот ден на Брајовото писмо ја искажуваме нашата безрезервна поддршка за поголема инклузија на слепите лица и лицата со оштетен вид во сите сегменти на општественото живеење“, објави Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид.
Брајовото писмо им овозможува на слепите лица да имаат пристап до информации и контакт со надворешниот свет, а издавањето на книги со брајова азбука, обезбедува поголем пристап и до образованието, литературата и културните вредности, додаде градоначалникот. Порача дека општината и во во иднина ќе продолжи да создава услови за поголема вклученост во заедницата на сите граѓани, бидејќи сите заслужуваме подеднакви права и можности.
Здружението на слепи лица и лица со оштетен вид во Охрид брои 75 членови. Претседателот, Славчо Џајковски вели дека со локалната самоуправа имаат одлична соработка и упати јавна благодарност за новите изданија на Брајово писмо.
Минатата година Општина Охрид подготви две изданија на Брајово писмо од Автобиографијата на Григор Прличев.
Брајовото писмо е точкасто релјефно писмо, односно тоа е тактилен систем за читање и пишување што го користат слепите лица низ целиот свет. Составено од Луј Брај, во 1872 година Во балканските земји писмото било воведено помеѓу 1900-тата и 1918-тата година, а во 1955-тата година УНЕСКО за прв пат го прогласува брајовото писмо како универзално писмо за слепи и слабовидни лица.