Општина Охрид парично ќе награди пожарникари и членови на доброволни ПП друштва кои секојдневно се бореа со пожарите
Советот на Општина Охрид донесе одлука парично да бидат наградени учесници во гаснењето на пожарите кои летово ја зафатија општината. Советниците едногласни дека треба да се уважи пожртвуваноста и храброста на оние кои беа на првите линии во борбата со огнената стихија која беснееше на Галичица, Илинска планина и во реонот на Косел и Опеница. Но, по оваа точка на дневниот ред на денешната седница се разви дискусија за тоа кој е опфатен со одлуката, а кој е изоставен и дали истата е фер кон сите кои по службена должност или доброволно учествуваа во гаснењето на пожарите.
Одлуката е непотполна, необјективна и нехумана, кажа од говорницата советничката од СДСМ, Живка Ангелоска. Таа праша според кои принципите, методи и мерливи параметри се утврдило кои пожарникари ќе бидат наградени, а кои не. Одлуката не смее да биде селективна и да предизвика раздор во службата, посочи советничката и предложи истата да се измени и да бидат наградени сите пожарникари во работен однос во ТППЕ, а кои во периодот на големите пожари не користеле отсуство од работа по разни основи.
„ Јас верувам дека како и во секоја институција така и таму владее некоја хиерархија и дека вработените работат онаму каде што ќе бидат распоредени од страна на претпоставените, а не можат доброволно сами да одат таму каде што сакаат. Како второ пожарникарството не претставува волонтерство, тие не се доброволци , а во оваа прилика кога спомнувам доброволци во најмала рака треба да ги споменеме, да ги испочитуваме и да ги поздравиме сите оние наши сограѓани коишто учествуваа во гаснењето, месното население, поединци , различни здруженија и групи коишто се одважија имаа доблест и храброст да помогнат при гаснењето на пожарите.“ – кажа Ангелоска.
Ангелоска потенцира дека тоа што се наградуваат само одреден број пожарникари наметнува сериозно прашање зошто ТППЕ работела со половина од својот капацитет, дали успевала да ги испочитува прописите од работни односи и зошто целата тежина во критичниот период ја ставила само на 19 вработени.
На тоа Командирот Борко Јанкулоски со одговор дека ТППЕ заедно со командниот кадар брои 39 пожарникари, но дека изминатите години не се мислело какви кадри се вработуваат во пожарната и дали истите можат да одговорат на тежината на професијата.
„ Дел од пожарникарите кои не се ставени на списокот за награда користеа боледување, дел не се одзваа на повиците кога јас ги правев во вечерните часови тимовите за наредниот ден, не креваа телефони. Затоа подобро никој да не биде награден отколку да бидат сите пожарникари наградени. Некои пожарникари кои кои не се ставени на списокот за награда, како што знаете не се само пожарите на отворен простор , ние имаме и пожари во урбани средини и интервенции при сообраќајни несреќи, некои поквалитетни пожарникари мораа да дежураат во противпожарниот дом. “ – кажа Борко Јанкулоски – Командир на ТППЕ Охрид.
Ангеловска му реплицираше на командирот дека за тие што не се одзвале на повиците законот предвидува дисциплински постапки и казни па дури и престанок на работен однос. На тоа одговори секретарот на општината.
„Лесно е да се каже дека има постапка за казнување за тие што не одговориле на повиците да учествуваат во гаснењето меѓутоа доколку некој се крие и не сака да оди, а работи во пожарната, мислам дека е залудно да разговараме за било што. А и да почниш дисциплинска постапка многу тешко е потоа да одиме и по судови и тн тешко може да докажеме дека навистина тие одбиле. Има и луѓе во пожарната кои се повозрасни и кои не можат да учествуваат од оправдани причини.“ – кажа секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Во дискусијата советници побараа да се наградат и вработени во јавните претпријатија кои помагале во гаснењето на пожарите, волонтери, граѓани доброволци. Советникот Наум Јамандиев упати предлог до командирот на ТППЕ.
„Да изработите правилник за наградување на волонтери. Колегите имаат право на забелеши и тоа е во ред. Значи мора да постои предходно правилник по кој што ние мора да се раководиме како советници за да ги изгласаме овие одлуки. Мора да имаме однапред подготвен критериум.“ – рече Јамандиев.
Барањето на советничката Ангелоска за измена на одлуката не беше прифатено од мнозинството во советот по што беше изгласано парично да бидат наградени учесници во гаснењето на пожари согласно подготвениот список од страна на предлагачот. Со оваа одлука се наградуваат 19 пожарникари од ТППЕ Охрид и членови на две доброволни противпожарни друштва , Ентузијат од Охрид и Повардарец од Неготино, за што од буџетот се издвоени 580 000 денари.