Skip to main content

Во 2027 година на Буково ќе се депонираат 15.000 кубни метри земја, Општина Охрид се подготвува за затворање на депонијата

Околу 15.000 кубни метри земја ќе бидат депонирани на депонијата Буково во текот на 2027 година, најавува Општина Охрид. Паралелно продолжуваат активностите за управување со постојната депонија, но и подготовките за нејзино затворање и санација, откако ќе профункционира регионалната депонија во Општина Новаци.
 |  Маја Савиќ  | 

Околу 15.000 кубни метри земја ќе бидат депонирани на депонијата Буково во текот на 2027 година. Ова е една од активностите со кои Општина Охрид се обидува да го менаџира проблемот со нестандардната депонија. Градоначалникот Кирил Пецаков , одговарајќи на советнички прашања за Буково, информираше дека завршен е проектот за осветлување, оградување на просторот на депонијата и строго забранет пристап на неовластени лица . Поради недостаток на финансии ова ќе се реализира следната година. 

Пецаков посочи дека оваа годинана депонијата се депонирани над 8 000 м3 земја, а градежна механизација постојано го распоредува отпадот и земјата на слоеви и го уредува просторот со цел  да е што е помала можноста за опожарување на депонијата.  

„Оваа година врз основа на количините коишто беа депонирани, лично мислев дека нема да имаме проблем, меѓутоа депонираната земја е само еден начин за менаџирање на депонија и не е конечен секако и се случи тоа што се случи. Во 2026-та година досега се депонирани 8.000 метри кубни земја, останува уште 3.000 метри кубни до крајот на годината да бидат депонирани и со тоа да бидат превенирани било какви несакани последици во однос на депонијата. Односно регионалната депонија во Општина Новаци е секако дел од процесов или дел од начинот на којшто оваа депонија во иднина би требало да биде затворена, односно ќе биде затворена.“- рече Пецаков.

Паралелно со напорите да се управува нестандардната депонија течат процесите за отворање на регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот регион во Општина Новаци.  По подолг застој, процесите повторно се активирани и, според Пецаков, се движат во вистинска насока. Општина Охрид во меѓувреме ги продолжува подготовките за затворање и санација на Буково, кои треба да започнат откако ќе профункционира регионалната депонија.

„ Ние како Општина Охрид во соработка со УНДП веќе завршивме еден проект којшто е проект за ремедијација, односно затворање на депонијата, во висина од 5 милиони денари, каде што УНДП го има избрано Градежниот факултет при УКИМ како ревидент, значи луѓе коишто се стручни сето тоа да биде завршено, и тоа е завршена работа. Доставени се барања, значи проектот е завршен, барање за услови за планирање се доставени до Агенцијата за просторно планирање коишто веќе ни одговорија дека треба да се обратиме и до Јавното претпријатие за државни патишта заради влезот регионален којшто го има и понатаму геодетските подлоги се ажурирани. Земјоделскиот факултет е исто така ангажиран во истава оваа тендерска постапка и завршена е оваа завршена приказна со референтна лабораторија за испитување на примероци од водоотпадот од депонијата и се работи во моментот на тие лабораториски анализи за отпадот и депонискиот исцедок. Дополнително геотехнички истражни работи на локацијата Буково се завршени, добиени се прелиминарни поединечни профили и ситуација за девет истражни дупнатини. Што значи дека начинот на депонирање на земја и затворање и вадење на метанот од самата депонија како процес во иднината се нешто коешто ќе се случува безмалку паралелно со отварање на регионалната депонија, односно ние подготвени го очекуваме. “- кажа градоначалникот.

Оној момент кога ќе стане реалност регионалната депонија, ние почнуваме со проектот за затворање на Буково  заедно со фирми од Словенија со долгогодишно искуство и соработка со европски фондови за финансискиот товар да биде што побезболен за општината, кажа Пецаков.

Во однос на иницијативата на советничката од СДСМ Лидија Неданоска за свикување посебна вонредна седница за Буково или средба со граѓаните и активистите од Збогум Буково , на која би се разгледувале разни предлози и мислења, градоначалникот изрази подготвеност. Средбата со граѓаните, во форма на јавна дебата, според најавите на Пецаков, ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид откако ќе заврши нејзиното реновирање.