Skip to main content

Општина Охрид позитивен пример во однос на системот за заштита и спасување, според Државниот завод за ревизија

Како позитивен аспект е издвоено и финансирањето на противпожарната заштита, кое во значителен дел се обезбедува од Буџетот на Општина Охрид. Државните ревизори како позитивен пример ја посочуваат и Планинската спасителна служба во Охрид, која е дел од Националниот сојуз за планинско спасување.
 |  инфодеск  | 

Општина Охрид е посочена како позитивен пример во однос на организацијата, функционирањето и финансирањето на системот за заштита и спасување во државата, се наведува во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија.

Во извештајот, насловен „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средствата со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“, ревизорите констатираат дека во Општина Охрид е воспоставена соодветна институционална рамка.

Општината има донесено стратешки и оперативни документи, меѓу кои План за заштита и спасување и годишни програми за заштита и спасување. Таа е вклучена и во оперативните дејствија за заштита и спасување во случај на пожари.

Како позитивен аспект е издвоено и финансирањето на противпожарната заштита, кое во значителен дел се обезбедува од Буџетот на Општина Охрид. Според податоците во извештајот, 85 отсто од средствата се обезбедуваат од општинскиот буџет, додека 15 отсто се средства од дотации.

Државните ревизори како позитивен пример ја посочуваат и Планинската спасителна служба во Охрид, која е дел од Националниот сојуз за планинско спасување и во пракса функционира како специјализирана оперативна единица за интервенции на планински и тешко пристапни терени.

Наодите се дел од конечниот извештај на Државниот завод за ревизија посветен на системот за управување со кризи, заштита и спасување и вложувањата во опрема и ресурси со цел зголемување на неговата оперативност, ефикасност и ефективност.