Skip to main content

Зелениот катастар нa Општина Охрид во понапредна фаза на изработка

Основна цел на овој проект е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило и ставање крај на жртвувањето на зелените површини во корист на градежни парцели. Зелениот катастар е јавен документ и како таков следната година  ќе биде  достапен на јавноста.
 |  Маја Савиќ  | 
парк

Општина Охрид  влегува во понапредна фаза на изработка на „Зелен катастар“ односно попис на вкупното зеленило на подрачјето на општината. Проектот за изработка на зелениот катастар, согласно Законот за урбано зеленило започна минатата година и до овој момент мапирани се зелени површини, дрвја, грмушки,  парковска инфраструктура како и дрва споменици на природата на просторот од булеварот Туристичка јужно до Охридско езеро, од клучката на влезот на Охрид  до Билјанини извори.  Зелениот катастар  како лична карта со податоци за секое едно поединечно дрво и зелена површина  треба да го спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и уништување на зеленилото.

„Ова е важно бидејќи ќе се утврди површината, квалитетот на зеленилото што е во функција а со цел понатаму да се спречи пренамена на овие зелени површини за градежни парцели. “ – вели Томе Џамтоски од Одделението за односи со јавност на Општина Охрид.

Проектот за изработка на Зелен катастар го спроедува Секторот за животна средина. Станува збор за комплексен проект кој опфаќа снимање, гео референцирање и ажурирање на податоци, како и изработка на просторно лоцирани реални GIS бази на податоци. Снимањето и инвенторизација на теренот која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба ќе биде заокружено со изработка на ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило.  Зелениот катастар е јавен документ и како таков во последната фаза ќе биде  достапен на јавноста.

„Треба да се нагласи дека во наредниот период , до крајот на 2024 година сите овие податоци ќе бидат во електронска форма , ќе биде изработена веб страна на која ќе можат граѓаните да имаат увид во реално време што се случува со зелените површини. А сето тоа ќе биде од помош на сите институции да носат благовремени и оправдани одлуки во креирањето на нивните политик.“ – вели Џамтоски.

Во најнапредната фаза се предвидува и можноста граѓаните да можат во катастарот  да го впишат и зеленилото од сопствениот двор. Зелениот катастар ќе биде континуирано ажуриран со дополнување на новото зеленило и ново насадените дрвја но и со податоци за исечените дрва и намалувањето на зелените површини.