Skip to main content

Хуманост

Оптичари од Португалија на мисија во Охрид

Посетата на Охрид е нивна четврта мисија во која поделија 20 очила на лица со ретки болести и други потешкотии. Се заблагодарија за гостопримството со зборовите „ Македонија и Охрид секогаш ќе останат во нашите срца“
 |  Маја Савиќ  | 
оптичари во хумана мисија

Брачен пар оптичари од Португалија, ја споил љубовта кон патувањата со својата професија во хумани цели. Витор Мартинс со својата сопруга Ана Карвалјо и двата синови Витор и Педро деновиве престојуваја во Охрид. Посетата на Охрид е нивна четврта мисија во која делат наочари од едни од најдобрите светски брендови на лица кои имаат сериозни потешкотии и потреба од оптика и оптички помагала и на лица со ретки болести.

„Ние сме оптичари по професија и отсекогаш сме сонувале да се занимаваме со солидарни мисии со доставување очила на оние на кои им е најпотребно. Почетокот беше тежок, но преземавме ризици, инвестиции и ја направивме првата мисија во островите Сао Томе и Принципе која помина многу добро. Следуваше Перу, а потоа Зеленортските Острови. Досега посетивме 70 земји.“ – објаснува Витор Мартинс.

Во Охрид тие се поврзале со Наумка Кузеска и Димче Кеневче кои им помогнале полесно да ја реализираат својата мисија, односно да се пронајдат луѓето кои имаат реална потреба. Лицата потоа ги направиле потребните офталмолошки консултации. Соодветните рецепти за потребнта оптика биле испратени на португалските оптичари.

„Со помош на Mundo by maxivisão и JackNoble ги добивме рамките. Обезбедувањето на леќите беше помогнато од Carl Zeiss. Тоа е брендот кој го измисли офталмолошките леќи и најдобриот бренд за леќи во светот. Потоа следуваше доаѓањето во Охрид, прекрасно место кое не пречека исклучително добро и кое го сакавме.“ – вели Мартинс.

Брачниот пар Мартинс подели 20 очила на лица со ретки болести и други потешкотии. Се заблагодарија за гостопримството со зборовите „ Македонија и Охрид секогаш ќе останат во нашите срца“

Нивното патување можете да го следите на:
https://www.facebook.com/onossoolhardomundo или https://www.facebook.com/maxivisao/