Skip to main content

Оралното здравје на охриѓани најмногу загрозено од забниот кариес

Оралното здравје на охриѓани најмногу загрозено од забниот кариес.

 |  Валентина Неловска  | 

Денталниот кариес и понатака најголема опасност за забите кај охриѓани. Парадентозата  пак за среќа во многу помал  процент ги напаѓа забите. Ова се податоци од охридскиот Центар за јавно здравје од ажурираните податоци добиени од стоматолошките ординации во градот. Само половина од стоматолошките ординации доставуваат податоци за состојбата со денталното здравје  на охриѓани во Центарот за јавно здравје. Според статистичките податоци во последните три години  најмногу на преглед се јавиле пациенти во 2015 година  и тоа 7,1 % на возраст од 20 -34 години. Во истата година опаднал бројот на прегледите  кај повозрасната група пациенти помеѓу 45 и 54 години, и тоа  скоро за половина или 4,6 %.

Од лицата кои посетиле стоматолошка ординација се забележува дека и понатака оралното здравје е загрозено од денталниот кариес . Најмногу пациенти од кариес биле лекувани во 2015 година со 47,4 проценти. Во 2014 година таа бројка изнесувала 45,8 % , додека  во 2013  бројот на паценти кои се лекувале  од  кариес бил  36,9%.
Оваа дентална болест  се намалува кај возрасната  категорија од 45 до 54 годишна возраст.

Веднаш зад денталниот кариес следуваат болести на пулпата и акутниот и хроничниот периодонтит. Од болести на пулпата и периапикалното ткиво во 2015 година биле лекувани 19,3 проценти. Од акутниот и хроничниот периодонтит  во 2015 биле заблежани 5,3 проценти.

 

Добрата орална хигиена резултира со убава насмевка, велат стоматолозите. Додаваат  дека најчесто охриѓани посетуваат забар само кога мораат, а сонуваат за блескава насмевка.