Организација на потрошувачите организира средба на тема: „Jакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“
Организацијата на потрошувачи на Македонија денес, на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, со почеток во 11.30 часот ќе одржи промотивна средба на која ќе бидат претставени активностите на ОПМ овозможени преку проектот: „ Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги (Enforce Consumer Rights in Financial Services)“, финансиран од страна на Европската унија, преку Европската Организација за заштита на потрошувачите – BEUC.
Овие активности се со цел да ја подобрат положбата на потрошувачите и да обезбедат нивна подобра заштитата, особено во доменот на финансиските услуги, во случаите кога голем број потрошувачи се оштетени од еден ист давател на услугата, со што всушност ќе се придонесе за подобра колективна заштита на правата на потрошувачите.
Имено, колективната заштита на правата на потрошувачите е уредена со Законот за заштита на потрошувачите, а се очекува и усвојување на Предлог Законот за парничната постапка со која како новина се предвидува поднесувањето на тужба за заштита на колективни интереси и права, против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или воопшти со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права.
„Ве известуваме дека Организацијата на потрошувачите на Македонија, во рамки на надлежностите предвидени со Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од месец јуни 2024 година, е ОВЛАСТЕНО ТЕЛО ЗА ЗАШТИТА НА КОЛЕКТИВНИТЕ ИНТЕРЕСИ И ПРАВА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ, а којашто надлежност беше доделена со Решение од страна на Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија. На средбата ќе разговараме за законската и институционалната рамка за колективна заштита на потрошувачите, возможноста за судска заштита и алатките кои ни стојат на располагање при заштита на нашите колективни интереси, при што посебно ќе се задржиме на дигитална алатка „ПРИЈАВИ ПРОБЛЕМ ЗА ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ.“ – се вели во соопштението од Организацијата на потрошувачи во Македонија.