Организаторите на концерти во Охрид не ги почитуваат законските обврски кон Црвен крст
Организаторите на концерти во Охрид не ги почитуваат законските обврски кон Законот за Црвен крст. Буџетот на охридската организација на Црвен крст останува празен, а даночните служби не реагираат. Со години организаторите не ги плаќаат 3-те проценти од продадените влезници кои законодавецот ги предвидел за помош на граѓаните во социјален ризик.
Организаторите кои одржуваат концерти и спортски настани во Охрид избегнуваат да го уплатат процентот од продадените влезници на сметката на црвен крст, посочува Сашо Точков претседател на општинската организација на Црвен крст. Со избегнување на законската обврска буџетот на организацијата е посиромашен . Тоа пак се одразува на помагањето на луѓето во социјален ризик кои секојдневно во се поголем број тропаат на вратата на црвен крст барајќи помош, појаснува Точков.
„Наназад со години има злоупотреби од фирмите, институциите и организациите кои одржуваат концерти во Охрид и не ги наплаќаат законските обврски кон Црвен крст. Ќе ги споменам Авалон и многу други организатори кои излегуваат на ТВ, но нивните обврски не ги исполнуваат. Принудени сме да правиме хуманитарни акции и да ги оптоваруваме граѓаните на тој начин“, реагира Сашо Точков претседател на ОО ЦК.
Законодавецот предвидел колкав процент од продадените влезници за културни и спортски манифестации треба да се уплаќа за финансирање на организациите на Црвен крст. Доколку тоа би се почитувало ние би помогнале на поголем број луѓе кои имаат потреба од помош на заедницата, нагласува Точков. Ретки се организаторите кои ги подмируваат давачките кон Црвен крст, појаснува Точков. Меѓу ретките совесни организатори кои ги испочитувале законските прописи, Точков ги споменува организаторите на концертот на Two Cheloos.
„ Од секоја продадена влезница за концерт и спортски настан што се одржува во Охрид или останатите општини на сметка се уплаќаат 3 проценти од секоја продадена влезница. За оваа година само организаторите на концертот на Северина го уплатиле износот превиден согласно занонот “, вели Точков.
Игнорирањето на законската обврска од страна на организаторите и институциите трае со децении, вели Точков. Затајуваат даночните служби кои треба да ги применуваат одредбите од Законот за данокот на промет на производи и услуги.ОО ЦК со најголем број на организатори води судски спорови и има поднесено судски тужби , информира Точков.
За потсетување, во изминатава летна сезона во Охрид се одржаа бројни концерти, меѓу кои музичките настапи на Зукеро, Димитар Вегас, Армин ван Бјурен , Роџер Санчез, на српските пејачи Цеца, Северина, Марија Шерифовиќ, како и на домашните музички звезди Влатко Стефаноски, Каролина, Владо Јанески , Синтезис и Ѓоко Танески.