Skip to main content

Организиран пред новогодишен базар во основното училиште „Григор Прличев“

Организиран пред новогодишен базар во основното училиште „Григор  Прличев“.  Учениците  продаваа  новогодишни декорации ,а собраните средства ќе бидат наменети за набавка на технички и надгледни средства за училиштето. 

 |  Валентина Неловска  | 

Предновогодишната атмосфера денес се чувствуваше и во основното училиште „Григор Прличев“. Раздвижени и весели беа учениците од 1 до 5 одделение на традициналниот училишен базар кој се одржува во овој период од годината, а каде ги продаваа своите изработени декорации.


Одржувањето на ваков вид базари на кои се продаваат различни изработки од учениците, наставниците и родителите има повеќе придобивки, напоменува Офелија Петреска, директор на основното училиште „Григор Прличев“. Се развиваат креативноста, дружењето и хуманизмот, подвлекува Петреска.

„ Парите се наменети за технички средства и надгледни материјали за одделенска настава. Она што беше собрано минатата година беше искористено за телевизори кои ги користат наставниците во неколку училници. Традицијата продолжува сакаме сите училници да ги опремиме со надгледни средства во наставата да ја збогатиме техниката“, рече Петреска.

Изработката на декорациите е тимска работа во која учествуваат учениците и наставниците, а беа активно вклучени и родителите, вели одделенскиот наставник Славица Мојсоска. Предновогодишниот базар се организира за да се подигне новогодишната атмосфера и расположение кај учениците, додава Мојсоска.

„Особено доаѓа до израз креативноста на учениците да направат поубави изработки, а тука е и развивање на предприемачкиот дух на учениците при продажбата на декорациите. Парите ќе бидат наменети за наставни надгледни средства потребни за работа на часовите“, кажува Мојсоска.

Во ОУ„Григор Прличев“ беше и Дедо Мраз кој на учениците им делеше пакетчиња, донации од Чунга Лунга и Битолска млекара.