Skip to main content

Речно корито

Орманци стравуваат од излевање на Коселска река

Несовесни сопственици на имоти фрлиле исечени гранки во коритото на Коселска река. Дополнително на тоа и неисчистената вегетација ја зголемува можноста за излевање и поплавување на околното земјиште. Жителите стравуваат од можни поплави во сезоната на дождови. Реагираат на неажурност на надлежните, а од секторот за комунални дејности информираат дека до крај на месец октомври предвидено е да завршат активностите за целосно чистење на речните корита и канали во охридско.
 |  инфодеск  | 
Коселска река

Со есенските врнежи доаѓаат и грижите за жителите кои живеет покрај Коселска река од излевање на речното корито. Се плашат дека реката ќе се излее и ќе ги поплави нивните домови и посеаните  земјоделски површини заради неисчистеното речно корито. Жителите од Орман, деновиве пријавиле до Центарот за управување со кризи да направат увид на речното корито. Сопственици на имоти покрај реката ги фрлиле во речното корито искастрените гранки, а се очекуваат есенските дождови.

„Пријавивме, дојдоа, си заминаа, а другиот ден ситуацијата се повтори. Изостанаа реакциите од надлежните органи. Барем да ги опоменеа сигурно ќе беа посовесни граѓаните“, реагира Ванчо  Стојаноски од името на жителите на Орман.

Апсолутно вината е во надлежните органи, дополнително од неисчистеното речно корито. Мора 1-2 пати во годината да прават контроли по течението на реката, а не заседнати во канцелариите, пијат кафе, на пауза, редовно си земаат плата, а се платени сигурно и да излезат на терен. Не само ние да апелираме и да се замеруваме со граѓаните и селаните. Тие се должни барем да ги опоменат – истакна Стојаноски.

Коселска река

Жителите не посакуваат да им се повтори излевањето на реката што се случи пред 10-тина години. Коселска река не е целосно исчистена од последното нејзино излевање пред 10-тина години, кога  беше исчитен само мал потег од реката во должина од 700-800 метри што не е доволно, укажува Стојаноски.  

Ние со години бараме преку месните заедници Воска, Орман, Долно Лакочереј со барање до Локалната самоуправа, Центарот за управување со кризи и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство повремено да се чисти коритото на Коселска река од устието па се до селото Косел. Таа се затрупува не само заради несовесните жители со имотите покрај реката кои фрлаат гранки и коров туку и таа природно зарастува. Порано, секое лето од водна заедница ќе поминеа и со алатки ќе се исчистеа од се што се влева во реката, а сега тоа е оставено на негрижа – додава Стојаноски.

Од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, информираат дека редовно ги врши активностите за чистење на каналите и речните корита, согласно Годишната програма за работа и актуелната ситуација. 

Целосно е исчистен каналот Петрино, а исчистени се и санирани уште 600 метри од каналот на реката Сушица. До крајот на месец октомври, предвидено е да завршат активностите и целосно да бидат исчистени и други речни корита и канали на територијата на Општина Охрид.

Во акцијата, вклучени се екипи на јавните претпријатија, а по потреба се ангажираат и приватни компании, стои во писмениот допис од секторот.