Skip to main content

Триесетина пушки, кубури, пиштоли и две сабји кои датираат од 18 и 19 ти век, извадени од дното на езерото

Заврши третата фаза на проектот „Охридското езеро, подводно – депо на оружје“. Проектот е во организација на Националната установа Завод и Музеј, а е финансиран од Министерството за култура.

 |  Јаковлева Лионела  | 
oruzje
оружје

Од Охридското езеро по трет пат организирано беа извадени примероци на оружје старо неколку векови. Триесетина пушки, кубури, пиштоли и две сабји, сите во прилично добра состојба станаа сопственост на Завод и музеј. Со тоа се реализира и последната фаза на проектот „Охридското езеро, подводно – депо на оружје“. Кустосот Горан Митрески вели дека при оваа подводна акција пронајдени се пиштоли со специфична орнаментика карактеристична за дебарскиот крај. Тие се изработени од дрво и метал, а украсени со месинг. Биле симбол на статус како кај отоманското така и кај македонското население.

Оружјето потекнува од 18 и 19 тиот век. Ова е големо богатство кое после конзервацијата ќе се стави пред очите на охридската јавност, вели кустосот Горан Митрески.кубури

Проектот во неговите три фази се реализира со финансиска подршка од Министерството за култура. Беа издвоени 100.000 денари за негово вадења, конзервирање и депонирање. Со тоа ќе се збогати музејската збирка на НУ „Завод и Музеј“ од Охрид.

Но, за жал не ќе може да се изложи целокупната збирка во која има околу 100тини парчиња поради немање соодветен музејски простор. Моментално дел од експонатите ќе бидат поставени во спомен куќата на Христо Узунов, кажува кустосот.

Инаку, околу тоа како оружјето се нашло на дното на езерото има повеќе верзии. Првата е дека до тоа дошло со промената на системот на вооружување на отоманската власт, втората е предавање на оружјето на месното население после Илинденското востание и третата, своеволно ослободување од истото. Како најверојатна причина за наоѓање на оружјето на оваа локацијата кај Сараиште се наведува разоружувањето на населението во септември 1910 година. Според аналите, во овој период се предадени околу 400 парчиња оружје, а преземени се и низа активности од страна на Отоманската империја за пронаоѓање на оружје кај месното население. Но, бидејќи било предадено само старо оружје, се претпоставува дека турците се ослободиле од него фрлајќи го во езерото.

За потсетувње, проектот „Охридското езеро, подводно – депо на оружје“започна во 2007 година кога, Боби Горичан, член на нуркачкиот клуб „Охрид“ пронајде фрагменти и цели делови на старо оружје на 30 до 300 метри оддалеченост од брегот, на длабочина од 3 до 8 метри.  Вадењето на оружјето се реализира со нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.

{loadposition content9}