Skip to main content

Ослободителна пресуда за обвинетите за нападот врз Пендиков

Ослободителна пресуда за Илија Спасески и Борче Ангелов, обвинети за нападот врз Христијан Пендиков во Охрид. По укинувањето на претходната пресуда, со која обвинетите беа осудени на по осум месеци затвор, Основниот суд денеска повторно го разгледуваше случајот и одлучи дека обвинението не е докажано надвор од разумно сомневање.
 |  инфодеск  | 
Пендиков

По речиси четири години од нападот врз Христијан Пендиков во Охрид, судскиот процес доби нова разрешница. Основниот суд во Охрид ги ослободи од обвинение Илија Спасески и Борче Ангелов, кои се товареа за нанесување тешка телесна повреда од омраза поради национална припадност.  

Случајот повторно се најде пред првостепениот суд откако Битолска апелација  ги уважи жалбите на претходната пресуда, во која и двајцата обвинети беа осудени на по 8 месеци ефективен затвор.

„Денес Основниот суд во Охрид, постапувајќи во целост по дадените укажувања од страна на Апелацискиот суд и изведувајќи ги сите предложени докази, донесе пресуда со која двајцата обвинети се ослободени од обвинението, бидејќи застапникот на обвинението не успеал надвор од разумно сомневање да ја докаже основаноста на обвинението.” изјави Димитрија Цобоски, адвокат.

Во повторената постапка, според одбраната, судот ги разгледал предложените докази и постапил по укажувањата на повисокиот суд.

„Сметаме дека од правен аспект правдата е задоволена, односно дека судот постапил исправно врз основа на сите изведени докази и дадените укажувања од страна на Апелацискиот суд.”- потенцира Цобоски.

Нападот врз Пендиков се случи на 19 јануари 2023 година пред угостителски објект во Охрид. Пендиков, кој тогаш беше секретар на здружението „Цар Борис Трети”, по нападот беше пренесен на лекување во Софија. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и реакции од Бугарија, особено поради тврдењата дека нападот бил мотивиран од национална омраза.

Сонја Рилковска