Осмомартовскиот викенд ги наполни капацитетите во градов
Гостинки од соседните земји Денот на жената ќе го прослават во Охрид. Сопствениците на хотелите задоволни од интересот за овие неколку дневни аранжмани.
Хрватки, србинки и црногорки во Охрид за 8ми март. Речиси во сите хотелски капацитети во градов има групи со припаднички на понежниот пол кој овој празник решиле да го прослават токму овде. Традицијата на организирана прослава за Денот на жената, не се напушта, напротоив, се засилува, велат хотелиерите. Посебно се посетени хотелите во централното градско подрачје кои нудат дводневни, но и тридневни аранжмани за престојниот празник.
Нашиот капацитет е исполнет. Имаме гостинки од Србија кои ќе пристигнат на 7ми а ќе останат до 9ти март. Им нудиме добра забава и гастрономски специјалитети. На располагање им се девет менија во кои има и посни бидејќи сега се во тек велигденските пости, па сами можат да си изберат. Се надеваме дека ќе се погодат и временските прилики па ќе поминат еден убав викенд во Охрид, вели рецепционерот во хотел Гарден Даниел Николоски.
И во хотел Милениум е полно за осмомартовскиот викенд. Таму ќе има гостинки од Хрватска и Србија. Цените на аранжманите не се откриват. Велат дека се креирани со посебни договори помеѓу хотелот и фирмите кои на гостинките им го организирале овој викенд во Охрид. Главната забава ќе биде на 7ми март бидејќи аранжманите се од 6ти до 8ми кога си заминуваат. И овде во гастрономската понуда има и посни јадења, а за забавата ќе се погрижи струшката група Бисери. Капацитетите се исполнети и во останатите објекти на охридскиот кеј.
И во хотелскиот капацитет Климетица традиционално за осми март доаѓаат гости од надвор. Годинава најзастапени се црногорките за кои менаџментот на овој хотелски капацитет обезбедил добра забава и анимација. Велат дека ќе биде викенд за паметење.
Од капацитетите на Климетица се исполнети 50%. Продадени се на гости од црногорскиот пазар. Аранжманите се од 6ти до 8ми март. На 7ми е главната забава и свечената вечера бидејќи на 8ми гостинките заминуваа. Ќе има богато мени и неограничен пијалок, а цената е многу прифатлива, вели Љупчо Цветаноски-сопственикот на хотел Климетица.
Цветаноски вели дека од овој осмомартовски викенд всушност започнува и новата туристичка сезона. Тој додава дека хотелиерите очекуваат подобра сезона од минатогодишната и зголемување на бројот на домашните гости кој во годините наназад бележеше значително опаѓање.
{loadposition content9}