Бројна публика меѓу која преовладуваа припадничките на понежниот пол вчеравечер го проследи концертот на Трио „Џентлмен“ што се одржа во црквата „Света Софија“ во организација на НУ „Охридско лето“.
Триото „Џентлмен“ е формирано по урнекот на светските поп-класични состави од професионалните оперски пејачи, тенорите Дејан Стоев и Јане Дунимагловски и баритонот Кристијан Антовски. На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп-хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, како и македонски евергрини.
За охриѓанки сакавме да приредиме вистинско изненадување и уметничко доживување. Концептот на трио „Џентлмен“ е поп-класичната музика. За овој концерт издвоивме мал дел од нашиот репертоар и направивме една компилација на македонски евергрини и поп-класични евергрини, италијанска канцона и на крајот доловивме една руска романса. Огромна е нашата чест да настапиме на „Охридско лето“ зошто е докажан и признаен фестивал, не само во македонски, туку и во светски рамки. Драго ни е, и чест ни е што во нашата биографија можеме да го имаме и „Охридско лето“, вели тенорот Дејан Стоев.
Ова џентлменско трио е формирано пред осум години, а оттогаш досега има одржано бројни концерти во земјава и надвор.
Се формиравме по урнек на светските триа бидејќи знаевме дека во Македонија има добри гласови. Сублимирајќи ги овие изминати години, нашите настапи и концерти, ни се потврди дека не сме згрешиле во замислата да го создадеме ова трио. Настапите ни е сѐ почести и почести. Трио „Џентлмен“ е сфатено како една убава атракција во Македонија, а тоа го потврдува и сѐ побројната публика. Освен тоа, нашите настапи ги шириме и надвор од нашата земја – појаснува баритонот Кристијан Антовски.
Тенорот Јане Дунимагловски вели дека соработката со колегите од овој музички состав е одлична, а тоа се докажува со бројните ангажмани, но и со публиката која ги следи на нивните настапи, но и преку социјалните мрежи.
Чест е да соработувам со Дејан Стоев и Кристијан Антовски. Ние најпрвин сме колеги и сме дел од тимот на Националната опера и балет – додава Дунимагловски.
Вчерашниот концерт на триото „Џентлмен“ беше осмомартовски подарок од „Охридско лето“ за припадничките на понежниот пол.
Директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ најави дека до официјалниот почеток на фестивалот на 12 јули ќе следат уште два концерти во организација на „Охридско лето“, за големиот христијански празник Велигден, како и за Први Мај.